НА БЕЗОС МУ ФУФКА ОД СЕВЕРНОКОРЕЈСКИ „РАБОТНИЦИ-ХАКЕРИ“ Амазон откри илјадници сомнителни апликанти
Нивната цел е едноставна, да добијат работа, да бидат платени, а потоа заработеното да го пренасочат кон програмите за вооружување на режимот (на Ким Јонг Ун), изјави главниот директор за безбедност на компанијата Амазон, нагласувајќи дека оваа практика е распространета во целата индустрија, особено во САД.
Американскиот гигант Амазон блокирал повеќе од 1.800 апликации за работа кои, според неговиот оддел за безбедност, биле поврзани со севернокорејски агенти. Според изјавата на главниот директор за безбедност, Стивен Шмит, станувало збор за обиди на државјани на Северна Кореја да добијат ИТ работни места користејќи украдени или лажни идентитети.
– Нивната цел е едноставна, да добијат работа, да бидат платени, а потоа заработеното да го пренасочат кон програмите за вооружување на режимот – изјави Шмит, нагласувајќи дека оваа практика е распространета во целата индустрија, особено во САД.
Американските и јужнокорејските власти одамна предупредуваат на растечкиот број онлајн измами со потекло од Пјонгјанг. Шмит навел дека Амазон минатата година забележал за речиси една третина повеќе сомнителни апликации поврзани со севернокорејски државјани.
Овие оперативци, според него, најчесто соработуваат со луѓе што управуваат со т.н. „фарми на лаптопи“ – компјутери што физички се наоѓаат во САД, но се контролирани од странство. Амазон користи комбинација од алатки засновани на вештачка интелигенција за проверка на апликантите и откривање на ваквите активности.
Министерството за правда на САД уште во јуни соопшти дека открило 29 вакви „фарми на лаптопи“, нелегално управувани од севернокорејски ИТ работници. Во јули, една жена од Аризона беше осудена на осум години затвор затоа што им помогнала на севернокорејските техничари да работат во повеќе од 300 американски компании, што резултирало со незаконска добивка од над 17 милиони долари за неа и за режимот во Пјонгјанг.