НА БЕСКРАЈНИТЕ ДОГОВОРИ ЗА ВРАБОТУВАЊЕ НА ОПРЕДЕЛЕНО ЌЕ ИМ ДОЈДЕ КРАЈОТ Левица предлага драстично намалување на максималната граница
Шест месеци или една година? Левица и власта се натпреваруваат кој ќе ја собере заслугата за најавеното скратување на максималната граница за склучување договори на определено време.
Колку ќе се скрати максималната горна граница за склучување договори за вработување на определено работно време, која сега изнесува 5 години?
Партијата Левица предлага максималната граница да биде 6 месеци, а пратеникот Борислав Крмов денеска изјави дека има информација дека власта размислува за кратење на овој рок од 5 на околу 1 година. Тоа значи дека простор за разговор има.
За ова прашање денеска расправаше собраниската Комисија за труд и социјална политика. Крмов истакна дека Левица го предлага ова решение затоа што смета дека на ваков начин ќе се зголеми и мотивира работникот, бидејќи, како што истакна, големо значење има сигурноста на работниот однос.
Членовите на Комисијата од ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата најавија дека ќе дадат поддршка за ова законско решение, со оглед на тоа што, како што посочија, е во интерес на работниците.
Од владејачките партии, пак, се согласни дека треба да има кратење на рокот на кој може да се склучуваат договори на определено време, но, посочија дека со оглед на тоа што во финална фаза е изработка на нов закон за работни односи, ќе почекаат да ги видат решенијата во овој дел. Има најави дека ќе има кратење на овој рок и во системскиот закон кој се работи, посочија тие, најавувајќи дека затоа нема да го поддржат предлогот на Левица.
Левица предлага и скратување на рокот од 8 на 5 месеци за кој една работа може да смета како сезонска работа, како и намалување на времетраењето на пробната работа од 4 на 2 месеца.
На дневен ред на седницата на Комисијата беа и измени и дополнувања на Законот за пензиско инвалидско осигурување, со кој се дава можност платите на вработените во Фондот за пензиско осигурување да се усогласат со минималната плата.