На Балканците „им пукна филмот“: бараат промени – овде и сега!?

Почна, онаму каде најмалку се очекуваше - Бања Лука. Продолжи, онаму каде најмалку беше можно – Сараево, со изборот на Богиќ Богиќевиќ. Попатно, беше растресена Софија, а изминатиов викенд - до темел уништена традиционалната политичка доминација во Загреб.

1,903

Балканските метрополи паѓаат како круши растресени од шепите на гризли!

Почна, онаму каде најмалку се очекуваше – Бања Лука. Продолжи, онаму каде најмалку беше можно – Сараево, со изборот на Богиќ Богиќевиќ. Попатно, беше растресена Софија, а изминатиов викенд – до темел уништена традиционалната политичка доминација во Загреб.






Незапирливиот бран на промени се шири со ехото: Доста беше!

Искусниот волк – агипропот „махерот на нашето време!“, Алексдандар Велики Вучиќ, намириса навреме, те под својот шатор го смести последниот изданок на српската левица, ватерполистот Шапиќ, кој лесно доплива – од таборот на Тадиќ во пливалиштето на јуришниците на Вучиќ.

Но, дури и Вучо не е семоќен, сосе целата пропагандна машинерија по него. Навистина го победи (му се сампредаде!) бастионот на слободната мисла и автономија – најголемиот универзитет по Балканите, Белградскиот, но затоа доби неочекувана шлаканица од српските новинари. Изминатиов викенд и покрај сите марифетлуци, избран е нов претседател на УНС (Здружение на новинарите на Србија), „провинцијалец – аутсајдер“ од Косово, за инает од престолнината!?

„Нема одмора док траје обнова!“

„Што јужније то тужније!“

Народот се враќа по своето. Следи казна за сите промашувања, за криминалната приватизација.

Кога народот, војската, тргнува во бој, ја следат трите К: „кише, курве и керови“.

Напред одат борците, по нив десетарите, командирите и командантите, а последни – лихварите.

После победата, кога ќе падне командата – остав и назад, први се лихварите, а последни борците и првоборците, и повторно трите К: криминал, корупција, клиентелизам…

„Доста је било!“ Било – поминало и не се вратило!

Ако може Бања Лука, колоквијално кажано, да ги порази криминалот, корупцијата и клиентелизмот, тогаш Загреб може да ги дотолчи. Ниту во најгрдиот кошмарен сон, премиерот и лидер на ХДЗ, Пленковиќ, не се препотувал како неделата навечер. Ниту ХДЗ, ниту партијата на претседателот (омилен од Македонците за инает на Бугарите!), Милановиќ, не влегоа во вториот круг!

Битката, на изборите за градоначалник на Загреб, ја продолжија, Томислав Томашевиќ, како кандидат на зелено-левата коалиција „Можемо“ (под слоганот: „Време е!“), составена од долгогодишни активисти и доскорешниот „глазбеник“, политичкиот феномен Мирослав Шкоро (две години постоење – трета сила во Саборот!), кои го предизвикаа и го срушија монополот на традиционалните, така викани големи партии.

За да биде сѐ „по сите нишани“, Томашевиќ освои рекорден број гласови во историјата на изборите во Загреб и потврди дека луѓето сакаат промена и политики кои се грижат за јавниот интерес, а не за лично богатење.

„Ова е најдоброто нешто што се случило на политичката сцена на балканските простори и треба да послужи како инспирација за сите други земји“, напиша, истата вечер, професорот Бранимир Јовановиќ, кој и самиот се опроба во власта, која, исто како и новинарството, е убава – само ако навреме ја напуштиш.

Традиционалните големи партии веќе не се големи. Еродирана политичка сила. Ако сакаат да бидат повторно такви, ќе треба да се ресетираат, како што велеше ШеВот Бранко, да се обноват самите себе си. Јас, пак, му велев: не да се ресетираат ШеВе, туку да се прочистат од внатре, од утробата. Како, прашуваше? И Охридското Езеро, му велев, го учев, го поганат стотици илјади – од дома и од понадвор, aма, доста му е само една зима, за да ја исфрли сета поганштина, да си ја поврати чистотата во утробата.

Само опомена или почеток на крајот?

Загреб – метла! Шибеник – независен жупан. Пула – независен градоначалник. Чаковец – такуѓере. Риека – слом на СДП. Сплит – чистка за ХДЗ! Вуковар, симболот на ХДЗ-овштината во независни раце! Па уште и Книн – „испод утврде са заставом – шаховницом!“.

Се бараат нови лица, тешкашите (Чачиќ и дружина) се пометени, замор на материјалот! Старите брендови како покосени паѓаат пред личностите-млади, образовани, без хипотеки и путер на главата. Тоа, особено, се гледа во чистката кај градските совети.

СДП е во слободно паѓање, ХДЗ може да им се радува и да се самозалажува уште со старите жупани, Осиек и Дубровник. Онаму, каде што погоди и победи – со младоста и неизвалканоста на кандидатите.

Тектонски политички поместувања по Балканот! Граѓаните се жедни за промени, не поминуваат старите 30-годишни прикаски, народот сака нова приказна, без статичните политичари. Бунт од внатре, пробудена мотивација, жестока опомена: не минуваат кандидатите по меракот на политичките врхушки.

СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, зашто не и ДУИ, еден убав ден, со боринче ќе го бараат она што сега го одбиваат (директно или византиски!) – гласот на народот за една изборна единица, отворени листи и преференцијално гласање.

Демократијата е зреење, демократијата е живот, демократијата не е само – победивме или нѐ победија! Денес Мурто, утре Курто!

„Пробудило се успавано срце демократије“ (наслов на книга од Иван Коприч, професор од Правниот факултет во Загреб.

„Неќемо политизацију, веќ реализацију!“

Смена на генерации, или задоцнета казна за криминалните приватизации во републиките од бившата ЈУГА!? Особено нека му ја мислат нашите, овде и сега, кои наместо да го запечатат споменот за криминалот на векот, го подгреваат, дотураат сол на живата рана, со разноразните закони за легализирање на криминалот, за распродажба на земјоделското земјиште…

„Узми, све док ти живот (политика) пружа: данас си цвет, сутра увела ружа!“

Навалицата од независни листи и кандидати ќе ја заплисне и нашата МАКЕДОЊА, уште оваа есен. Октомври нема да биде ниту син, ниту црн, ќе биде шарен, можеби малку и зелен. Хрватите имаа референдум против ХДЗ и СДП, во Србија никнат еколошки востанија, како супститут за заспаната и поделена опозиција.

Кога игра мечката (метлата) кај соседот, ако не те помете и тебе, тогаш барем со прашината ќе ти ги засоли очите!

„Живи бил, па видели!“

Поврзани содржини