Туризмот, угостителството, транспортот… веќе се болни од „економската Корона”. Со висока температура и кашлица, не функционираат, не приходуваат, а стигнуваат обрските за плати, режија, кредити… Не помал е и ударот врз микро и малите семејни бизниси: ќе се затвораат, семејствата ќе банкротираат. Трпат и компаниите чие производство е зависно од увоз на репроматеријали. Едноставно, април ќе биде тежок месец за речиси целата македонска економија.
Ако е за утеха, вака е во цела Европа. Но, утехата е мала, оти таму владите сепак се растрчаа, уште пред десетина дена, обезбедија пари и воведоа конкретни мерки за помош на стопанството, за да ја преброди моментално кризата, но и да се направи одбранбен механизам за она што ќе следи откако вирусот ќе си замине: најголемата светска економска криза во последните 100 години. Светот, економски ќе се врати 10-тина години наназад, а последната голема економска криза од 2008 година ќе биде „приказна за мали деца”, за она што не очекува.
Италија, Германија, Франција, Британија…вбризгуваат милијарди евра за да ги одржат и подготват националните економии за „денот потоа”!
А кај нас?
Кај нас, најодговорните се растчаа по прес конференци и интервјуа, најави и ветувања. Почнаа и партиски препукувања чии мерки се „полични”!
Со донесување на некои поситни мерки, Владата се однесува како срамежлива мома и наместо да делува конкретно се уште мери и премерува. Се нема ли знаење, се нема ли визија..?
А на нашето стопанство веднаш му е потребна респираторна машина. Не е доволно Зоран Заев, во стилот на Никола Груевски, од партиското седиште или по телевизии да најавува владини мерки, да плаче по празнио буџет, небаре се уште е премиер. Иако повеќето од мерките на Заев беа добри и применливи, но засега стопанството добива едно големо „мало сутра”.
Убави најави, реализација мала, речиси никаква.
А потребни се три основни потези за старт за да се олабави притисокот врз стопанството:
Прво, на компаниите во моментот им недостигаат свежи пари, за дневна ликвидност, затоа под итно државата мора да обезбеди бескаматни позајмици или кредити, со грејс период од 6 месеци и рок на враќање од минимум една година. Секоја компанија да може да добие државен заем до одреден процент од својот годишен приход. Ова што го најави Развојната банка на Македонија е ситнеж, кој не треба ниту да се споменува. Срамота!
Второ, откуп од страна на државата не целиот вишок на домашно проиводство и залихи и пласирање на пазарот по ниски цени. На тој начин директно се помага на компаниите производители, но и се стабилизира продажната цена на производите.
Трето, субвенционирање на платите во сите компании. На овој начин ќе се спасат работните места но и ќе се продолжи потрошувачката низа. Ќе се вртат пари!
Главниот извор на средства во буџетот се компаниите, а државата мора да ги разбуди економските ресори и да помогне ИТНО. Вирусот ќе замине, но штетата по економијата ќе остане. Колку побрзо и поконкретно државата помогне, толку полесно „економската корона” ќе се излечи.