Пиштолот Валтер ПП, кој Шон Конери го користеше во првиот филм за Џејмс Бонд ќе се најде на аукција идниот месец во Лос Анџелес и би можел да биде продаден за дури 200.000 долари.
Шкотскиот актер кој почина минатиот месец во својата куќа на Бахамите, со тој пиштол ракувал во филмот „Др.Но“ во 1962 година.
– Силуетата на агентот 007 со пиштол во рака е најпозната слика од целиот серијал и една од најпрепознатливите во поп културата воопшто – вели Мартин Нолан, извршен директор на аукциската куќа „Julien’s Auctions”.
И во идните 25 филмови, различни верзии на „Валтер“ и натаму на Бонд му се најдраг избор за лично вооружување. Пиштолот ќе биде еден од 500 филмски реквизити кои ќе бидат понудени на аукцијата на Беверли Хилс на 3 декември.