НА 66 ГОДИНИ СЕ ПРИЈАВИЛА НА ИЗБОР ЗА МИС Баба на три внуци стигна до финалето на Мис Универзум во Јапонија

Џунко Сакаи целиот свој живот го поминала како домаќинка, а потоа на 66 години одлучила да се пријави на изборот за Мис Универзум

86

Повеќе од триесет години, Џунко Сакаи го посветила својот живот на семејните обврски. Се грижела за куќата, одгледала четири деца, а сега има три внуци. Нејзината секојдневна работа била невидлива – не добивала плата, немала стаж или право на пензија. Накратко, таа била домаќинка.

Но, потоа, на 66 години, одлучила да го промени текот на својот живот и да направи нешто сосема неочекувано – се пријавила на националниот избор за Мис Универзум во Јапонија.






Правилата се променија

До пред само неколку години, старосната граница за пријавување на ова престижно натпреварување беше јасно дефинирана: девојките мораа да бидат полнолетни, но не постари од 28 години. Сепак, во 2023 година се случила голема промена – горната старосна граница била укината. Оваа одлука им отворила врати на жени од сите генерации, вклучувајќи ја и Џунко.

Кога натпреварот бил официјално објавен, таа не се двоумела. Се пријавила без оглед на нејзината возраст – го исполнувала основниот услов, а тоа е да не е малолетничка.

Ги импресионирала жирито и публиката

На натпреварот покажала огромен ентузијазам и упорност. Иако се соочила со предизвици, признала дека нејзината меморија повеќе не е каква што била порано, па ги заборавала зборовите и чекорите – успеала да стигне до финалето и да влезе во потесниот избор на кандидати.

– Само сакав да се забавувам и да внесам малку динамика во мојот живот – рекла Џунко, потсетувајќи се на децениите што ги поминала грижејќи се за своето семејство.

Публиката и жирито не останале рамнодушни, таа ги освоила со својата искреност, спонтаност и позитивна енергија.

Поддршка од помладите натпреварувачки и организаторите

Иако на почетокот се плашела дека помладите натпреварувачки може да ѝ се потсмеваат, се случило спротивното. Таа вели дека сите учеснички ја прифатиле со почит и топлина, помагајќи ѝ секогаш кога ѝ било потребно. Организаторите исто така имале многу разбирање – ѝ дозволиле да се појави на сцената во едноделен костим за капење, наместо во стандардно бикини.

Не победи – но ги освои срцата

Во финалето, титулата ја понела 21-годишната студентка Каори Хашимото, но Џунко сепак си отиде дома со лента и беше прогласена за најсимпатична убавица. Покрај тоа, таа стана вирална сензација на социјалните мрежи, медиумите ја објавија нејзината приказна, а таа често се појавуваше во телевизиски емисии.

Нова кариера во третата доба

Џунко верува дека сега е вистинското време да влезе во светот на манекенството. Иако има 66 години, се чувствува младешки и витално, што не го крие дури ни во своите јавни појавувања.

– Па, ако Твиги (76), Џери Хол (69) или Кармен Дел’Орефиче (94) можат да го направат тоа, зошто да не може една витална дама од Земјата на изгрејсонцето, дом на најдолговечните луѓе во светот – вели таа на шега.

Приказната на Џунко Сакаи не е само инспирација за жените на нејзина возраст, туку и за сите што мислат дека е предоцна да ги остварат своите соништа. Нејзината одлука да влезе во светот на модата и на изборите за убавина, и покрај нејзините години, покажува дека соништата немаат рок на траење – сè што е потребно е малку храброст.

Поврзани содржини