На 35.000 текстилци им висат откази, појаките фирми можат да дадат само една плата плус
Од почетокот на кризата со коронавирусот до сега, нема најави за отпуштања на работници, но сликата ќе биде поинаква во наредните месеци.
На 35.000 работници во текстилната индустрија им се закануваат откази по 15 април поради состојбата со коронавирусот во земјава и во Европа, тврдат од Здружението на текстилната и кожарската индустрија во Стопанската комора. Бараат владата навреме да интервенира со мерки за да се овозможи задржување на работниците и исплата на минимална плата.
– Текстилната индустрија има работа до 15 април кога ќе ги заврши нарачките од претходната сезона. Но, проблемот ќе настане потоа бидејќи се стопирани нарачките за следната сезона. Нашите партнери во Германија и во другите земји од Европа поради затворање на продавниците и сега бараат произведеното да не го пуштаме за извоз, оти немаат побарувања од трговците. Никој од нив не размислува за нарачки за следната сезона и не се знае колку тоа ќе потрае, два-три или повеќе месеци. Кризата со коронавирусот настана во моментот кога почнуваат тие нарачки и сѐ е запрено – вели Ангел Димитров, претседател на Здружението.
Во вакви услови, додава тој, текстилните компании кои веќе се исцрпени со зголемувањето на минималната плата и имаат неизвесност дали ќе имаат работа, нема да можат да ги задржат работниците, односно да им исплаќаат плата.
– Затоа е потребно владата да реагира навремено и да донесе мерки со кои ќе помогне на овој сектор. Наш предлог е владата да нѐ ослободи од придонеси, со тоа што ќе се исплаќа минимална плата само за да не се загрози социјалната сигурност на работниците. Мај, јуни, јули се најкритични, а потоа воопшто не се знае дали ќе работиме за следната сезона – вели Ангелов.
Според него, од почетокот на кризата со коронавирусот до сега, нема најави за отпуштања на работници, но сликата ќе биде поинаква во наредните месеци.
Од Синдикатот за текстил во состав на ССМ, велат дека нивните пресметки се дека компаниите, оние појаките во текстилната индустрија, можат да издржат да дадат само една плата плус од овој месец. За помалите компании, кои пак и не се нивни членки не се знае во каква состојба се.
– Засега кај нашите членки не се регистрирани отпуштања од работа, ниту пак има најави. Но, во иднина не се знае што ќе се случува. Сепак, ние потсетуваме дека работодавачите располагаат со законска клаузула дека во период од 6 месеци можат да исплаќаат пониска плата за 20 отсто на работниците и тоа треба да го направат со согласност и преговори со синдикатот и со понудени резултати од работа. Не тие да остваруваат профит, а работниците да земаат пониска плата – вели Љупчо Радевски, од Синдикатот за текстил и кожарство во ССМ.
Во веќе погодените сектори, угостителство, туризам и транспорт, според синдикатите нема отпуштања од работа.
Благоја Ралповски од Конфедерацијата на слободни синдикати вели дека во овие сектори засега нема отпуштања.
– Поголемите компании ќе издржат некое време, но кај помалите побрзо ќе се почувствува потребата да посегнат по кратење на работните места – вели Ралповски.
Синдикатот на градежниците, пак, со став дека нивен проблем е почитувањето на препораките на владата за заштита на раобтниците.
– Кај компаниите каде што имаме членство нема отпуштања и се почитуваат препораките, но како што се гледа на терен во повеќето компании од градежништвото препораките не се почитуваат, а дали ќе им исплатат плати на работниците одлучуваат работодавачите, бидејќи во повеќето помали градежни компании нема синдикат – вели Ивица Пројчески од Синдикатот на градежниците.
Претставниците од другите сектори во земјава, засега се воздржани околу предвидувањата како состојбата ќе се одрази врз нивното работење.