На 30-годишнината од независноста, сонцето од државното знаме конечно почна да ни заоѓа
Дали Владата сепак ќе го промени спорното лого? Останува да видиме. Познавачите велат дека Владата сепак нема да отстапи и дека последната отстапка беше направена со промената на спорните дресови со кои македонските фудбалери требаше да настапат на Европското првенство.
Смееше ли Владата да ги измени осумте краци на сегашното државно знаме и да ги „исцепка“ во неразбирливо лого со 12, за кое не знаеме ни кој точно го направил? Што вели Законот за употреба на знамињата? И требаше ли да се користи терминот „северна“ за прославување на 30 години независност на републиката, без притоа да се стави зборот „република“?
Го сменивме знамето два дена по атентатот врз Глигоров
Контроверзната историја на македонското знаме покажува дека уште од независноста тоа минувало низ разни голготи и цензури, за да ја докаже својата светлина.
Митската ѕвезда од Кутлеш, која во 1977 ја открил грчкиот археолог Андроникос, се нашла во Собранието на Република Македонија на предлог на Тодор Петров, долгогодишен и сегашен претседател на Светскиот македонски конгрес. Се чини дека широчината на поранешниот претседател Киро Глигоров, а можеби и незнаењето дека наскоро земјата ќе се соочи со голем притисок од Грција, биле доволни со мнозинство гласови да се усвои 16-кракото оригинално сонце, како државно знаме на независна Македонија.

Инаку, менувањето на петокраката од старото социјалистичко знаме на Македонија, со новиот симбол – сонцето, било дочекано со еуфорија, бидејќи сонцето како симбол има и свој континуитет во македонската историја и традиција. Песни, приказни, дворови на цркви со сончевиот симбол, дури и копаничарската розета на покривот на Куќата на Робевци во Охрид се доказ дека сонцето било присутно како симбол во народот.
– Притисокот од ВМРО-ДПМНЕ беше силен, да се променат грбот, знамето, химната. За грбот отпорот не беше толку силен, колку за знамето, како симбол на државноста, суверенитетот и идентитет на Македонија – се сеќава Тито Петковски, поранешен пратеник, во тие години висок фунционер во СДСМ.
Но, знамето, како такво, ќе „преживее“ само три години, од 1992 до 1995 година.
– Под пресија на Грција и непосредно пред потпишувањето на Времената спогодба со соседот, на 5 октомври 1995 година, два дена по атентатот врз претседателот Глигоров, Собранието го смени изгледот на еден од македонските државни симболи – се сеќава пратеникот Тито Петковски.
„Пропелерот“ е второто најубаво знаме во светот?!
Долгооспоруваниот „пропелер“, како што често и погрдно се нарекува новото македонско знаме кое го замени сонцето од Вергина, всушност е второто најубаво знаме во светот, после знамето на Бутан, според уредниците на World Almanac. На натпреварот од 2002 година, по македонското знаме се нашло знамето на Кирибати, а потоа Бразил, Канада и Јапонија. Можеби сличноста на „пропелерот“ со јапонското империјално знаме од времето на Втората светка војна, е уште една потврда дека дизајнот на нашето знаме е современ и светски.
Меѓународниот притисок зa смена на сонцето од Вергината од државното знаме на Македонија во 1995 година растел. Морало да се размислува за ново решение, а владата таа задача му ја доверила на професорот Мирослав Грчев, кој бил признат како авторитет од многумина. Професорот направил 12 дизајни пред да дојде до стилизираното сонце со 8 краци, кое го замени претходното решение на сликарот Костадин Танчев – Динка. Условот за новото знаме бил да се задржат бојата и сонцето.
– Кога беше завршен проектот, му го предадов на претседателот Глигоров пред атентатот, а чув дека Собранието со конзенсус го прифатило новиот изглед на знамето. Но, кога го видов, се изненадив, зашто забележав дека тоа не е мојата оригинална макетa – вели професорот.
Грчев не знае кој ја дообликувал конечната верзија. Тој потсетува дека паралелно со знамето се работело и на нов државен грб, што потоа беше привремено суспендирано, пишува Дојче Веле.
И во конструкцијата на знамето има силна порака
Како и да е, од 5 октомври 1995 година Македонија има ново официјално знаме и може да го конструира било кој, бидејќи јавно се знаат неговите пропорции. Професорот Грчев се потрудил тоа да биде во сооднос 1:2, сончевиот диск да биде 1/7 од целата должина, односно 2/7 од висината, а дефинирани се и други пропорции. Во пропорциите е и македонскиот 7/8 ритам, што не е случајно, се разбира. Па така, односот на должината на споредниот и основниот сончев зрак е седум спрема осум.
Повеќе за конструкцијата можете да најдете на Macedonian Herald.
Каде и како може да се употребува или злоупотребува?
Иако не е дозволено експлицитно да се користи како лого на компанија, македонското знаме, во стилизирана, ваква или онаква форма, било користено и веројатно и во иднина ќе се користи во многу идни логоа. Прашањето е – дали е етички да се згреши бројот на краците во логото, дури и кога станува збор само за стилизација на оригиналното знаме?
– МК30 логото, за јубилејот „30 години независност“, е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со закон – напишаа на Твитер од владиниот оддел за односи со јавност.
#МК30 логото за јубилејот „30 години независност“ е составено од повеќе елементи, меѓу кои и сонцето. Логото не го содржи државното знаме. Сонцето кое е употребено во логото е различно од сонцето од државното знаме. Користењето на државното знаме е јасно уредено со Закон! https://t.co/U7tYRTUH83
— Портпарол на @VladaMK (@portparolVRSM) July 14, 2021
Но, што вели друго законот? Освен како драперија, завеса или прекривка, на предмети кои брзо се фрлаат, како марамчиња, салвети или долна облека, под услов да не е свиткано или набрано, македонското знаме може да се користи во разни државнички намени. Знамето може да се истакнува, да се подига и да се спушта,на јарбол, на дипломатско возило, како и во други ситуации, но не смее да го допира подот или друг предмет. Меѓу законските одредби, една вели дека знамето може да се користи и на погреби, но не смее да се спушти во ковчегот заедно со погребаниот.
Лого за конечен „погреб“ на името Република Македонија?
Дали стилизацијата на сонцето од државното знаме во логото по повод 30 години од независноста е своевиден „погреб“ на името Република Македонија?
„Душман на Македонија да си, нема толку да го користиш Северна. Зошто потенцирање со сила на зборот Северна? Па уште и 30 години од Северна? Тоа се лаги, не се факти“ – напиша бизнисменот Венко Глигоров на својот профил на Фејсбук.
Меѓу лавината реакции секако беше и онаа на Костадин Танчев – Динка, авторот на првото знаме на независна Македонија, но и основоположник на графичкиот дизајн кај нас.
– Во логото не се препознава за што се работи и неколку букви или бројки, како и сонце или знаме,не ја презентира триесетгодишната историја на самостојна Македонија – вели Костадин Танчев – Динка.
Реагираа и многу историчари и други ликовни уметници во земјата. Без „северна“ а со „република“ вака, отприлика, можат да се сумираат реакциите на многу граѓани на социјалните мрежи.
Зајди, зајди…
Со сличен став се огласи и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.
„Непостоењето на терминот Република како одредница за општественото уредување и пренебрегнувањето на фактот дека на 8 Септември 1991 година македонскиот народ гласаше за суверена и независна држава Република Македонија, го прави понуденото решение целосно неприфатливо“, се изјасни ВМРО ДПМНЕ.
Дали Владата сепак ќе го промени спорното лого? Останува да видиме. Познавачите велат дека Владата сепак нема да отстапи и дека последната отстапка беше направена со промената на спорните дресови со кои македонските фудбалери требаше да настапат на Европското првенство.
На триесетгодишнината од независноста знамето конечно почна да ни заоѓа…