„НА 10 МЕТРИ ОД КИСЛОРОД, ОНКОЛОГИЈА УШТЕ НЕМА ДОВОД!“ Ако остане министер Демири ќе ги разреши сите 64 организациски директори на клиниките
Тоа треба да биде топ тема. На 10 метри од кислородната станица Онкологија уште нема довод. А не да купуваме три акцелератори со огромни пари. Не се занимавајте со тоа кој остави 18 луѓе без леб, им порача Демири на новинарите.
Клиниката за онкологија уште нема довод за кислород иако се наоѓа на само 10 метри од кислородна станица, откри министерот за здравство Илир Демири на денешна прес конференција.
– Попрво треба да ги реновираме салите во „Св. Наум Охридски“, да ги поправиме компресорските единици, да ставиме кислород на Клиниката за онкологија. Тоа треба да биде топ тема. На 10 метри од кислородната станица Онкологија уште нема довод. А не да купуваме три акцелератори со огромни пари. Не се занимавајте со тоа кој остави 18 луѓе без леб – им порача Демири на новинарите.
Според него, единствено решение за релаксирање на Клиничкиот центар е формирање 4 регионални болници во Битола, Штип, Куманово и во Тетово. Но, болниците кои се градат се со пробиени рокови.
– Изградба на Клинички центар „Мајка Тереза“ со рок од 45 месеци. Кој го потпишал ова, до каде е судската постапка? До каде е болницата во Штип со рок од 24 месеци? Друго, реконструкцијата на „Св. Еразмо“ со рок од 18 месеци и анекс договор, друг анекс договор… Изведба во Струмица од 12 месеци, болницата во Кичево со 36 месеци рок се гради од 2021 година. И на крај модуларните болници – наместо 10 изградени се 3, договорот е од 27.05.2021, со рок од 36 месеци – рече Демири.
Тој проговори и за проблемот на пациентите со цистична фиброза за кои побарал детален список и да бидат истакнати во системот Мој термин и да имаат приоритет за кој ќе одлучува Комисија.
– Побарав список на пациенти кои се на чекање на оперативни хируршки итни интервенции и зошто некои повеќе чекаат. И ова да биде објавено во Мој термин. Државата троши 950 милиони денари за програмата за ретки болести. Во Македонија имаме дел од средствата на ФЗОМ, побарав уште на почетокот да се зголеми инвестицијата за рано дијагностицирање, а после за лечење мускулна спинална дистрофија. Имаме лек за ова, но битно е дијагностицирањето. Треба да има список на пациенти со дијагнози и да се види колку државата троши на одредени луѓе – додаде тој.
Демири рече дека доколку остане министер ќе ги разреши сите организацисски директори кои во моментов се 64.
– И треба на секоја клиника да има по еден одговорен. Вака е проблематично. Вака само Обвинителството може да го реши проблемот со хируршките сали – вели Демири осврнувајќи се на проблемот што повеќе од една седмица не работат салите во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“.