НЀ УБИВААТ ТИВКО И БРЗО Двојно повеќе денови над 50 степени во светот
Температури над 50 степени се случуваат главно во Средниот Исток и во Голфскиот регион. По рекордните 48,8 во Италија и 49,6 во Канада измерени ова лето, научниците предупредија дека денови со над 50 степени ќе се случуваат секаде сѐ додека не се прекине емисијата на фосилни горива.
Бројот на екстремно топли денови во кои температурата достигнува 50 степени двојно се зголемил од 1980 година наваму, покажува анализа на Би-Би-Си.
Тие сѐ почесто се случуваат во повеќе области за разлика од порано и претставуваат предизвик за здравјето на луѓето и за начинот на живеење.
Вкупниот број денови над 50 степени се зголемувал во секоја декада од 1980 година наваму. Во просек, помеѓу 1980 и 2009 година, температурата надминувала 50 степени околу 14 дена во годината. Бројот пораснал на 26 дена во периодот од 2010 до 2019 година.
Во истиот период, температури од 45 степени и повисоки се појавувале просечно уште две недели во годината.
Високите температури може да бидат смртоносни за луѓето и за природата и да предизвикаат големи проблеми на зградите, патиштата и енергетските системи.
Температури над 50 степени се случуваат главно во Средниот Исток и во Голфскиот регион. По рекордните 48,8 во Италија и 49,6 во Канада измерени ова лето, научниците предупредија дека денови со над 50 степени ќе се случуваат секаде сѐ додека не се прекине емисијата на фосилни горива.
– Мораме да делуваме брзо. Колку побрзо ги прекинеме овие емисии, толку подобро ќе биде за сите – вели д-р Сихан Ли, климатски истражувач во Школата за географија и околина при Универзитетот во Оксфорд.
Анализата на Би-Би-Си покажува дека во последната декада максималната температура се зголемила за 0,5 степени во споредба со периодот од 1980 до 2009. Но, тоа зголемување не е почувствувано подеднакво во светот. Во Источна Европа, јужна Африка и во Бразил имало максимално зголемување на температурата за повеќе од 1 степен, во делови од Арктик и од Средниот Исток имало зголемување за повеќе од 2 степена.
Дури и под 50 степени, високите температури и влажноста можат да предизвикаат тешки ризици по здравјето. Повеќе од 1,2 милијарди луѓе во светот може да доживеат топлотен стрес до 2100 година ако сегашното ниво на глобално затоплување продолжи, според студија на Унивезритетот Рутгерс во САД. Тоа е најмалку 4 пати повеќе од луѓето погодени денес.
За оваа анализа Би-Би-Си користела информации од глобалната база на податоци ЕРА 5 создадена од Сервисот Коперник за климатски промени. ЕРА 5 комбинира актуелни временски набљудувања од повеќе извори, како што се станици и сателити, со модерни модели за временска прогноза.