НЀ ТЕПАА СО МЕТАЛНИ ПАЛКИ 7 ДЕНА, НЕ РАЗЛИКУВАА МАЖИ ОД ЖЕНИ Авганистанските бегалци раскажуваат што им се случувало во Иран
Стражарите 6-7 дена нѐ тепаа со метални палки, не правејќи разлика меѓу мажи или жени. Видов како умира Авганистанец, а тие му викаа „кучкин сине, оди си дома!“, изјави Кадери и додаде дека нејзиниот сопруг се здобил со скршеници на коските.
Секој ден до 3.000 Авганистанци, некои родени во Иран, пристигнуваат назад во својата земја по неуспешниот обид за подобар живот.
– Бегалците се соочуваат со огромна физичка и ментална тортура – изјави Абдул Гани Казизада, одговорен за регистрација на пристигнувањата во пограничниот град Ислам Кала, пренесува Франс 24.
Многумина влегле во Иран илегално или им истекле визите. Речиси 90% се депортирани, а останатите се враќаат доброволно.
– Стапката на протерувања е зголемена во последните 6 месеци. Таму (во Иран) се предупредени дека мора да заминат во рок од една недела или секој што е постар од 18 години мора да депонира 100 милиони томани (2.375 долари) во банка – додаде Казизада.
Многумина доброволно се враќаат во Авганистан.
Овие бегалци во фалсификувани маици Фенди или Диор се регистрирани од авганистанските власти и испитани од Меѓународната организација за миграција (ИОМ). За да почнат одново, им се даваат 2.000 авгани (29 долари) по човек ако пристигнат со семејството, но не добиваат ништо ако се сами.
Непријателстовто кон Авганистанците расте
Рамазан Азизи (36) очаен чека на сино пластично столче за да биде регистриран со сопругата и со трите деца.
Тие влегле во Иран илегално во 2023 година откако платиле 1.220 долари на трговец со луѓе, но се соочиле со зголемено непријателство кон Авганистанците, обвинети за зголемување на невработеноста и на цените, но и за криминал во земја под меѓународни санкции.
– Сопствениците мораа да платат казна бидејќи ни го изнајмија нивниот дом. Ни ги фрлаа работите низ прозорците. Тие (надлежните) ни рекоа да се спакуваме и ние го сторивме тоа, па не одведоа во воен камп за да бидеме депортирани – изјави Азизи кој е градежен работник.
Тој рече дека семејството 6 дена живеело со 2.000 до 3.000 други Авганистанци.
– Бевме исцрпени… без храна и без вода – рече тој додека неговото девојче, облечено во розова маица со зајаци на неа, седеше покрај него.
Ги тепале со метални палки
Солзи течат на лицето на Фазила Кадери (26) додека раскажува за искушението што таа и нејзиниот сопруг го преживеале во кампот Карај во близина на главниот град Техеран.
– Стражарите 6-7 дена многу нѐ тепаа со метални палки, не правејќи разлика меѓу мажи или жени. Видов како умира Авганистанец, а тие му викаа „кучкин сине, оди си дома!“ – изјави Кадери и додаде дека нејзиниот сопруг се здобил со скршеници на коските.
Тие пристигнале во Иран пред 4 години, откако платиле шверцер, како работници на фарма во централно-северната провинција Казвин.
Нивниот нов живот започнал добро, сѐ додека таа не била хоспитализирана 12 дена поради тешка алергија и ѝ била потребна операција.
– Му дадовме 1.200 долари на лекарот за операцијата и рече дека ќе го направи тоа следниот ден. Кога се вративме назад, безбедносните службеници нѐ зедоа. Имавме трисобен стан полн со предмети, не можевме да земеме ништо со нас. На сопственикот му плативме однапред, не можевме ни тоа да го вратиме, а ниту, пак, авансот што му го дадовме на лекарот – објасни таа.
Сега немаат пари да го платат патувањето назад во нивната матична провинција Тахар во североисточен Авганистан.
„Помалку од куче“
Работникот Абдул Басир (29) рече дека бил уапсен на работа и протеран од Иран и покрај тоа што имал важечки пасош и виза.
– Со пасош завршив во воениот камп (во Карај) 10 дена. Која влада може да го направи тоа? – рече тој.
Со врзани раце и нозе го одвеле во автобус во кој стоеле 70 до 80 луѓе, а еднаш во кампот бил претепан до тој степен што не можел да се движи.
Тој опишува „скршени раце и нозе, луѓе кои се онесвестуваат, можеби дури и мртви“, како и луѓе кои биле гладни и жедни.
– Имаше постари Авганистанци, жени и деца – вели тој, додавајќи дека луѓето биле однесени и повеќе не се видени.
Тој, исто така, тврди дека безбедносниот персонал искинал авганистански пасоши или важечки ирански дозволи за престој.
Тој беше депортиран назад во Авганистан без неговиот авганистански пасош, за кој платил 340 долари за да може да избега од невработеноста во провинцијата Херат.
– Сега немам пари да платам автобус за да си одам дома – рече тој.
Авганистанскиот службеник на границата, Казизада, рече дека околу 70% од бегалците биле вратени назад без ирански документи.
Авганистанскиот министер за надворешни работи, Амир Кан Мутаки, во четвртокот побара од Техеран „трпеливо да соработува со авганистанските бегалци кои исто така придонесоа за развојот на Иран“.
На својата прва прес-конференција претходно оваа недела, иранскиот претседател, Масуд Пезешкијан, рече дека Техеран ги враќа илегалните државјани во нивната земја „со почит“.
Иран е земја домаќин на 4,5 милиони Авганистанци кои бегаат од децении на војна и невработеност.
Портпаролот на иранскиот парламентарен Комитет за национална безбедност, Ебрахим Резаи, претходно овој месец рече дека полицијата планира „да протера повеќе од 2 милиони илегални граѓани во блиска иднина“.
Авганистанците претставуваат повеќе од 90% од странските државјани и повеќето влегуваат без лични документи, според официјалната новинска агенција ИРНА.
Повеќе од 700.000 Авганистанци без документи, исто така, го напуштија соседен Пакистан по акцијата која започна во септември минатата година.
Според фотографиите на социјалните мрежи, во иранските пекари, таблите забрануваат продажба на леб на не-Иранци „под казна за гонење“.
Фазила Кадери потврдува дека 2 месеца не можела да купи леб.
– За нив Авганистанецот вреди помалку од кучето – вели Кадери.