„НЀ ИЗМАМИЈА ЕДНАШ, НЕМА ДА ДОЗВОЛИМЕ ПОВТОРНО“ Без преговори нема мир во Украина, се закани Лавров
Министерот Лавров потсети дека Западот веќе еднаш ја измамил Русија во 2014 година, кога, според него, бил извршен државен удар во Киев веднаш по потпишувањето договор меѓу украинските власти и опозицијата.
Рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, денеска изјави дека Москва нема да прифати прекин на огнот во Украина пред да започнат преговори, предупредувајќи дека Русија повеќе нема да дозволи да биде измамена како во минатото.
– Кога ни велат: „Ајде да склучиме примирје, па ќе видиме“ – не, момци. Ние веќе бевме во тие приказни, повеќе не го сакаме тоа – изјави Лавров во обраќање пред студенти и професори на Руско-ерменскиот универзитет.
Тој остро ги критикуваше европските лидери, како Макрон, фон дер Лајен и британскиот премиер Стармер, обвинувајќи ги дека хистерично бараат зголемени санкции против Русија и дополнителна поддршка за Киев.
Лавров потсети дека Западот веќе еднаш ја измамил Русија во 2014 година, кога, според него, бил извршен државен удар во Киев веднаш по потпишувањето договор меѓу украинските власти и опозицијата.
– Договорите од Минск беа само тактика да се добие време за Киев. Во 2022 година, на преговорите во Истанбул, беа парафирани принципи за решавање на конфликтот, но Западот им забрани на властите во Киев да ги потпишат – рече Лавров, пренесуваат руските медиуми.
Лавров ја обвини Европската Унија дека намерно ја ескалира кризата, посочувајќи дека веднаш по неодамнешниот телефонски разговор меѓу Доналд Трамп и Владимир Путин, ЕУ го одобри 17-тиот пакет санкции против Русија.
– Тие сакаат конфликтот да продолжи. Не го поддржаа прекинот на огнот бидејќи сакаат време да ја вооружуваат Украина – изјави шефот на руската дипломатија.
Според него, евроатлантската безбедносна структура станува застарена, особено поради „злоупотребата на позицијата од страна на западните земји во рамки на ОБСЕ“.
Лавров потврди дека првите директни преговори меѓу Москва и Киев по речиси три години се одржале на 16 мај во Истанбул, но не откри детали за нивниот тек или резултати.