Директорката на Клиниката за детски болести во Скопје, Аспазија Софијанова, вечерва за Сител изјави дека и возрасни пациенти заболени од ковид-19 ќе се хоспитализираат на Клиниката. Таа не даде конкретни детали бидејќи, како што наведе, се чекаат насоки од Министерството за здравство.
Експресно за тоа дојде демант од Министерството за здравство, од каде наведоа дека возрасни ковид-пациенти нема да се хоспитализираат на Клиниката за детски болести.
„Единствени возрасни пациенти таму се мајките на хоспитализираните деца со ковид, кои исто така се позитивни. Клиниките каде што со преадаптација се направени ковид-оддели, физички се оделени и не постои никаков контакт меѓу ковид-пациенти и пациенти кои не се заразени со ковид, а се хоспитализирани на клиниките поради други заболувања. Целокупниот систем е организиран и добро се менаџира. Хоспиталните оддели, одделите каде се врши дијагностика, лабораториски анализи се поделени на црвени и зелени зони за ковид-пациенти и останати пациенти“, соопшти Mинистерството за здравство кое апелира да не се создава непотребна паника.
.