МЗ: Досега се пријавени 4000 здравствени работници за вакцинација против ковид-19
2000 здравствени работници се во градот Скопје, а останатите се во другите градови.
4000 здравствени работници досега се пријавиле за вакцинација против ковид-19. Од нив, околу 2000 здравствени работници се во градот Скопје, а останатите се во другите градови, соопшти Министерството за здравство.
Од Министерстворот информираат дека со денешната прва пратка на вакцините од компанијата „Фајзер“ кои пристигнаа од Србија почнува вакцинацијата во земјата.
„Македонскиот здравствен систем е целосно спремен за имунизација на населението. Први ќе се вакцинираат здравствените работници во модуларната болница во Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје. Првите 4680 од вкупно 8000 вакцини од Србија се сместени во фрижидерите во Институтот за трансфузиологија. Вакцините се развиени на безбедни платформи и со нив ќе го спречиме ширењето на ковид-19“, стои во соопштението.