До денеска потврдени се 12 случаи на вработени во МВР позитивни на ковид-19, 36 лица се во самоизолација, а издадени се и 14 наредби за изолација на лица, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Епидемиолозите направиле интервјуа на вработени кои биле во непосреден контакт со заболените и во соработка со нив се утврдува за кои лица се издаваат решенија за изолација и изјави за самоизолација.
Изминатиов период беше извршена и дезинфекција во просториите и објектите каде е утврдено дека престојувале вработени лица за кои е потврдено дека се позитивни на тестот за коронавирус, а тоа ќе се прави и за секој нареден случај.
МВР информира дека за заштита на вработените од коронавирусот се преземаат сите неопходни мерки за нивна лична заштита, со соодветна заштитна опрема, а со цел безбедно извршување на работните задачи.