МВР потврди: Полицијата извршила претрес дома и на работа кај тројца полициски службеници осомничени за оддавање службена тајна
Извршени се и службени разговори со полициските службеници и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот, се вели во информацијата од МВР.
Министерството за внатрешни работи вечерва потврди дека кај тројца полициски службеници денеска е извршен претрес на нивните работни места, домовите и автомобилите поради сомнение за сторени кривични дела „оддавање службена тајна“ по член 360, „злоупотреба на државна, службена или воена тајна“ по член 360, а и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ.
Станува збор, како што претходно објави Плусинфо, за инволвирани во случајот што го обелодени опозициската ВМРО-ДПМНЕ за наводен рекет во РЕК Битола, а во кој како што обвини партијата, е вмешан Вице Заев, братот на премиерот. Вице Заев, наводно, како што тврди ВМРО–ДПМНЕ барал рекет во вредност од 250.000 евра од битолската компанија „Рубитон“ која добила тендер за ископ на јаглен.
Претресот и разговорите со осомничените, полицајата ги извршила по наредби од судија на претходна постапка од Основниот кривичен суд Скопје. Осомничени во случајов, како што дознаваме, се Александар Јанев, поранешен началник за организиран криминал во МВР во време на техничката влада и Илија Чалшев Менис, полициски инспектор за организиран криминал.
Еве што вели МВР за нивното постапување на прашање на Плусинфо:
„На 28.05.2021 полициски службеници од Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал, Одделот за криминалистичка полиција, Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди и Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика во координација со Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапуваа по наредби од судија на претходна постапка од Основен кривичен суд Скопје за претрес на работните места, домови и превозни средства кај тројца полициски службеници, поради сомнение за сторени кривични дела „оддавање службена тајна“ по член 360, „злоупотреба на државна, службена или воена тајна“ по член 360а и „злоупотреба на службена положба и овластување“ по член 353 од КЗ. Извршени се и службени разговори со полициските службеници и се преземаат дополнителни мерки и активности за расчистување на случајот“, се вели во информацијата од МВР.
Случајот во МВР, го пријавиле оштетените сопственици на компанијата, но според тврдењата на опозициската партија, во пријавата мистериозно исчезнало името на Вице Заев, осомничен за рекетот. Според ВМРО-ДПМНЕ, наводно во времето на Васко Ковачевски власта вршела притисок и закани врз бизнисмените, сопственици на компанијата „Рубитон“, за да ја отстапат работата за ископ на јаглен која ја добиле на тендер во корист на СВ Инвест или да му дадат 250.000 евра во кеш на Вице Заев, во хотелот „Вила парк“ во Струмица.
Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ Миле Лефков вчера достави до Обвинителството за организиран криминал документи со кои, според него, се докажува криминалот со државни тендери во РЕК Битола во времето на Васко Ковачевски, но и притисокот и заканите што наводно ги вршел Вице Заев врз бизнисмените Васко Василев и Јани Радивчев, сопственици на „Рубитон“.