МВР потврди: Обвинетиот во „Монструм“ Агим Исмаиловиќ е на пат кон затворот во Шутка

994

Лицето Агим Исмаиловиќ е обезбедено и го спроведуваме во истражниот затвор на издржување на мерката притвор, потврди МВР за Плусинфо.

Исмаиловиќ, еден од обвинетите за петкратното убиство кај Смилковското езеро за кого денеска обвинителството побара притвор бил најден дома, откако претходно без проблем си излегол од Кривичниот суд во Скопје каде денеска му беше определен притворот.






На прашање на Плусинфо за повеќе детали за овој скандалозен настан, во МВР велат дека немаат надлежност над судската полиција, од која се очекува објаснување како Исмаиловиќ непречено се одалечил од судот, каде бил кога полицијата не успеала во првиот обид да го лоцира дома. Неговиот адвокат за некои медиуми изјави дека наводно обвинетиот бил во џамија.

Обвинителката Фатиме Фетаи денеска побара на Исмаиловиќ да му се одреди притвор, а судијата му дозволил да ја напушти судницата додека судечкиот совет да ја донесе одлуката, но во меѓувреме Исмаиловиќ го снемало. Судот дал наредба до МВР да го најде. Некои медиуми јавија дека Исмаиловиќ не планирал да бега, туку дозволата на судијата да излезе од судницата ја протолкувал дека може слободно да се движи, иако обвинителката Фетаи, барала да остане во просторијата. Нејасно е што правела судската полиција, додека Исмаиловиќ слободно си излегол од скопскиот суд.

Случајот „Монструм” кој по одлука на Врховниот суд е на повторно судење во Кривичен суд Скопје, е во фаза на доказна постапка.

Судењето за овој предмет го води судијата Огнен Ставрев, додека застапници на обвинението се обвинителите Фатиме Фетаи и Гаврил Бубевски.

Во случајот „Монструм“, за петкратното убиство на 12 април 2012 година, кога беа убиени черири момчиња Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски, се обвинети Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ, Фејзи и Хаки Азири и Сами Љута.

Поврзани содржини