МВР НЕ ЈА ЧУВА ЗАПЛЕНЕТАТА ДРОГА, ТУКУ ВЕДНАШ ЈА УНИШТУВА Лефков вели дека дрогата во возилото на МВР не заборавена
Знаеме дека полициските сили низ државите работат со дојави и информации кои ги поседуваат партнерските служби, тоа што фатиле дрога во возило на МВР говори дека дрогата не е од пред 5 години, туку од сега, рече Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
Има ли скандал кој не ѝ се случи на државата под водство на криминалниот дует Спасовски – Заев. Станавме и за потсмев на регионот. Оливер Спасовски е должен и одговорен како министер за внатрешни работи да ѝ објасни на јавноста зошто врши институционализација на криминалот? Како МВР водена од Оливер Спасовски успеа да стане дувло на криминал, реагираше Миле Лефков, пратеник од редовите на ВМРО-ДПМНЕ.
– Запленетата дрога во возило на МВР во Црна Гора проследена со смешното и патетично објаснување за заборавена дрога од пред 5 години уште еднаш покажува дека МВР на Спасовски ги заштитува наместо да ги гони и лови криминалците со дрога. Јавноста знае кој во изминатите 5 години произведува, шверцува и работи со дрога. Семејството Заеви како сопственици на најголемите плантажи за производство на марихуана, началникот Чипсио и шоферот на Заеви како докажани шверцери, а сега дали во таа низа и официјално се вклучи и Спасовски? Зошто Спасовски молчи за случајот со запленетата дрога во Црна Гора? Смешни се објаснувањата од МВР дека дрогата е од 2016 година заборавена во возилото. Од 2016 година до денеска има повеќе од 5 години, а Оливер Спасовски без прекин министер во МВР и тој имал доволно време да се запознае секое едно делче од Министерството, а не да му остане дрога во автомобил. Кого лаже Спасовски? Ако возилото било на МВР, и дрогата е од 2016 година, а не од сега, како знаеја црногорските власти дека токму во тоа возило има дрога? Знаеме дека полициските сили низ државите работат со дојави и информации кои ги поседуваат партнерските служби, тоа што фатиле дрога во возило на МВР говори дека дрогата не е од пред 5 години, туку од сега – рече Лефков.
Тој испрати апел до Јавното обвинителство да не чека на Оливер Спасовски кој добро глуми, туку да ги праша црногорските власти за помош, и тоа нека ги праша од каде е дрогата, каде требала да биде испорачана и кој стои зад нарачката, очигледно е дека станува збор за пресретнување на шверц на дрога.
– Доколку Јавното обвинителство не побара таква помош очигледно станува дека ги штити криминалците во МВР под водство на Спасовски, кој им е шеф не само службено, туку и во криминал. Доколку дрогата била од 2016 година, таа немала да седи во возило на автопаркот во МВР со години, туку веќе ќе била уништена. Секоја заплена на дрога се регистрира, а дрогата се уништува, не се чува во МВР. Очекуваме Јавното обвинителство да постапи стручно и професионално, сите факти во случајот се на дофат на рака. Одговорност за директните шверцери, нивните налогодавци, но и за Спасовски, кој е прв во институцијата на кој овој скандал му е еден во низата многу скандали кои го тресеа МВР – рече Лефков.