МВР ИНФОРМИРА ЗА НЕКОЛКУ ИНЦИДЕНТИ НА ГЛАСАЧКИ МЕСТА Кочанчанец ѝ кажал на сопругата за кого да гласа и јавно соопштил како гласал
Жена во Радовиш гласала иако била позитивна на ковид-19, а во Кочани е уапсен гласач кој бил агресивен кон полицијата.
Министерството за внатрешни работи информира дека досега имало неколку инциденти на гласачки места во вториот круг на локалните избори.
Во полициската станица Радовиш било пријавено дека Г.К. од радовишко село излегла на гласање и покрај тоа што имала решение за самоизолација од Државниот санитарен и здравствен инспекторат.
Во Кочани двајца полициски службеници пријавиле дека при вршење на редовна служба на Избирачко место 858 во Кочани преземале мерки и активности против едно лице кое се однесувало агресивно кон нив и одбило усна наредба да се оддалечи од местото и да не го попречува изборниот процес.
Полицијата информира дека по расчистување и документирање на случајот ќе следи соодветен поднесок.
Во ОВР Кочани, претседателот на избирачкиот одбор на избирачко место 835 во Кочани пријавил дека околу 11 часот, С.М. го нарушил избирачкиот процес и на гласачкото место и кажал на својата сопруга за кого да гласа, а кога бил предупреден од страна на избирачкиот одбор јавно кажал за кого гласал и не го свиткал уредно избирачкото ливче.
За настанот изготвен е записник од страна на избирачкиот одбор, запознаен е Јавен обвинител и по документирање на случајот ќе биде поднесена кривична пријава за сторено кривично дело „повреда на тајноста на гласањето“.