МВР ГИ ИСКАРА ГРАЃАНИТЕ ШТО ЧЕКАЛЕ „5 ДО 12“ ЗА ДА СМЕНАТ ДОКУМЕНТИ Откако сите ќе се сликаме ќе се направи попрегледно електронско закажување
Од МВР велат дека ги разбираат поплаките на граѓаните поврзани со електронското закажување термин за сликање за вадење на личните документи и додаваат дека наскоро ќе следи нов тендер за одржување на интернет страницата и ќе бидат направени промени токму на забелешките.
Ако денес успеете да добиете термин за вадење лични документи со новото име на државата, тој сигурно ќе биде во декември или во јануари. Но, на граѓаните не им пречи толку што термините ќе ги чекаат со месеци, колку што се револтирани што не можат да добијат никого кога се јавуваат во кол-центарот на телефонскиот број 072/92-92-92, додека закажувањето преку интернет страната на МВР е комплицирано и непрегледно.
– Се убив од вртење со денови и сабајле и попладне и во тек на ден. Да ви сликам колку пати сум свртела? Ви ѕвони музика, велат: „Почекајте“ и после некое време ќе ви даде зафатено, и никој не се јавува. Безобразлук тотален. Електронски нема прегледност кога има слободен термин, па така треба со денови да си кликам, на тепка да погаѓам кога би имало слободен ден – коментира скопјанка на социјалните мрежи.
Други граѓани коментираат дека кога конечно некој ќе им одговори остануваат во неверување за терминот кој ќе добијат за сликање.
– За чудо кол-центарот го добив од прва, но слободен термин за сликање имаше на 30 ноември во МРТВ. Синот по два дена се јави за промена на личната карта, но неуспешно. Автоматски му се исклучуваше повикот, а кога успеа по можеби 30 обиди да го добие операторот, му зададоа термин за во декември – пишува Кире.
Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо велат дека граѓаните чекале „5 до 12“ за да ги променат личните документи, а според нив зголемениот обем на работа е тоа што веќе со години наназад во летниот период најмногу се издаваат лични документи (лична карта, возачка дозвола и пасош).
– Министерството за внатрешни работи ве известува дека не постои застој во нормалното функционирање – ниту на економскиот оператор којшто за сметка на МВР го сервисира повикувачкиот центар, односно неговите 12 повикувачки линии, ниту пак во организациските единици при Одделот за граѓански работи коишто на дневна основа примаат повеќе стотици апликации од граѓани за различните видови лични документи. Факт е дека во овој летен период се зголемува обемот на барања за вадење лични документи – ни рекоа од МВР.
Оттаму додаваат дека ги разбираат граѓаните за поплаките кои се поврзани со електронското закажување на термин за сликање при вадење на личните документи. Велат дека наскоро ќе следи нов тендер за одржување на интернет страницата и ќе бидат направени промени токму на добиените забелешки.
– Промена на изгледот на страницата со подобрување на услугите кои граѓаните ќе можат да ги користат ќе треба да се случи со новиот тендер на операторот. Овој договор е направен уште кога се воведуваа биометриските документи и поради тоа треба да се обнови за корисниците да имаат подобар и попрегледен пристап до услугите – велат од Министерството за Плусинфо.
– Кога конечно ќе помислиш дека решението е електронски да одбереш термин во ноември, тогаш ти излегува прозорец дека можеш да закажеш термин само во наредните 60 работни дена – реагира скопјанка на социјалните мрежи.
Од МВР нè информираа дека граѓаните можат полесно и попрегледно да си закажат термин преку интернет страната uslugi.gov.mk каде што со неколку кликнувањa можaт да си одберат кога, каде и во колку часот ќе можат да се сликаат.
– Многупати споменуваме дека покрај двете стандардни опции (телефонски и преку сајтот на МВР) сите оние кои треба да извадат некој документ може и преку интернет страницата на uslugi.gov.mk, но граѓаните сè уште ја немаат прифатено оваа услуга, бидејќи како да се недоволно информирани за оваа опција – посочуваат од Министерството.
Личните карти, патните исправи и возачките дозволи кои го содржат називот „Република Македонија“ ќе важат најдоцна до 12 февруари 2024 година поради потребата за усогласување со уставните измени.
– Старите документи после 12.02.2024 година нема да имаат важност, без разлика кога истекуваат. Имено, со стара патна исправа нема да може да се преминува граница, со стара лична карта нема да може да се преминува граница ниту пак ќе биде прифатена како документ во институциите и со стара возачка дозвола нема да може да се управува моторно возило – нагласуваат од МВР.
Од МВР велат дека максимално ги користат сите капацитети, работејќи и за викенди и за празници, и ги преземаат сите мерки за граѓаните навремено да ги добијат своите документи.