МВР ГИ ДЕМАНТИРА ТВРДЕЊАТА НА ВМРО-ДПМНЕ Нема пријави дека полицајци малтретирале граѓани пред, за време на изборите и по нив
МВР информира дека проверки на наводите извршил Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
Министерството за внатрешни работи информира дека нема регистрирано пријави од граѓани или правен субјект за малтретирање од страна на полицајци во предизборниот период на изборниот ден и по исборите во Прилеп како што тврди ВМРО-ДПМНЕ.
Од МВР информираат дека проверки на наводите извршил Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди.
„Одделот за внатрешна контрола, криминалистички истраги и професионални стандарди во МВР ги изврши потребните проверки по наводите изнесени од политичката партија ВМРО-ДПМНЕ за планирано физичко малтретирање од страна на полициски службеници вработени во ОВР Прилеп, при што констатира дека во ПС Прилеп, Помошниот оперативен штаб и Републичкиот оперативен штаб локални избори 2021 нема регистрирано пријава од граѓанин или правен субјект дека во предизборниот период, денот на гласањето или во постизборниот период од страна на полициски службеници при преземање на службени дејства е постапувано незаконски или непрофесионално или на кој било начин е малтретиранo лице при вршење на служба, како што беше изнесено на прес конференција на ВМРО-ДПМНЕ“, се вели во соопштението.
Од МВР додаваат дека на денот на изборите, 17 октомври во Прилеп нема испратено возило на технички преглед, ниту пак е изречена санкција за сообраќаен прекршок., што исто така говори дека наведените дејствија, всушност не се случиле.
– МВР е гарант за слободно изразување на вољата на гласачите на изборите од 2017 до денес и тоа ќе продолжи да биде и понатаму – велат оттаму .
МВР апелира, ВМРО-ДПМНЕ да престане да шири невистини, а граѓаните слободно да ја изразат својата волја во недела на вториот круг од локалните избори.
ВМРО-ДПМНЕ веќе неколку денови информира за формирана група од полицајци кои на вибер се договарале во Прилеп да матретираат гласачи, и членови на партии кои не се од владеачката колаиција. Партијата објави и имиња на полицајци кои биле вклучени во групата.