МВР по објавата на министерот Агим Нухиу за воведување двојазични натписи на униформите на полицијата го појаснува правното толкување за тоа што треба да преземе Министерството за да се реализира законската обврска.
Објавата на министерот за внатрешни работи Агим Нухиу, вели МВР, се однесува на потпишување на актите кои треба да се достават до Владата. Уредбата за изменување и дополнување на Уредбата за униформата и ознаките на униформата на полицијата ја носи Владата , а по нејзиното донесување се носи Правилникот за изменување и дополнување на Правилникот за носењето, времето на траење и распределбата на униформата и ознаките на униформата од страна на министерот за внатрешни работи.
„Во Законот за употреба на јазиците („Службен весник на Република Македонија” бр. 7/19) во членот 1 е утврдено дека на целата територија во Република Северна Македонија и во нејзините меѓународни односи службен јазик е македонскиот јазик и неговото кирилско писмо. Во продолжение на истиот член се утврдува дека друг јазик што го зборуваат најмалку 20% од граѓаните (албански јазик), исто така, е службен јазик и неговото писмо, согласно овој закон“, стои во соопштението од МВР.
Согласно член 8 став (3) од наведениот закон, се подвлекува, униформите на полицијата, пожарникарството, здравството, во Скопје и во општините во кои најмалку 20 проценти од граѓаните зборуваат службен јазик различен од македонскиот јазик се напишани на македонски јазик и неговото кирилско писмо, како и на јазикот што го зборуваат најмалку 20 проценти од граѓаните во Република Македонија и неговото писмо.