Музичарите незадоволни од предлог мерките: Сакаме да свириме, а не да протестираме!

Тие потсетуваат дека состојбата со пандемијата се стабилизира и има предуслови точката 15 од службен весник бр 170 да се укине и конечно на музичката фела да и се дозволи да работи според својата дејност.

525

Членови на ЗУПМ „Музика сега” во отворено писмо попладнево реагираат на предложените мерки на Комисијата за заразни болести и бараат укинување на забраната за организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објекти кој се однесува за кафетерии и угостителски објекти.

„Сакаме да свириме“, порачуваат музичарите и најавуваат дека ако не им се овозможи да работат  после забрана од 15 месеци, ќе бидат принудени да протестираат.






„Денес Комисијата за заразни болести излезе со нови предлог мерки кои би важеле од 1 јуни 2021 година и се дадени на разгледување на Кризниот штаб т.е. Владата и за жал по сите наши заложби и укажувања и овој пат никаде не се споменати музичарите односно укинување на забраната за организирање на музички настани во отворен и затворен дел од објектот кој се однесува за кафетерии и угостителски објекти (Службен весник бр.170 Прилог број 7 и 8 точка број 15). Пред малку се случи и прес на министерот за здравство г-дин Венко Филипче и неговото претставување на мерките беше конфузно и нејасно во врска со музичарите и нивната дејност и дозволата за работа,но се додека концизно и јасно не се укине мерката од Службен весник бр.170 Прилог број 7 и 8 точка број 15 за нас ова олабавување е половично и дискриминира голем број од нашите колеги – музичари“, велат музичарите во отвореното писмо.

Тие потсетуваат дека состојбата со пандемијата се стабилизира и денешните предлози од КЗЗ за олабавување на мерките како што се – укинување на маска на отворено,престанокот на забрана за групирање на отворено, дозвола за организирање на свадби и настани на отворено и да се дозволи на угостителските објекти да примаат по 6 гости на маса се и тоа како доволен предуслов точката 15 од службен весник бр 170 да се укине и конечно на музичката фела да и се дозволи да работи според својата дејност.

„Забраната за музичка дејност важи од 23 Јуни 2020 година и оттогаш па до април оваа година ни се случија два последователни брана на пандемија во држвава,самото тоа во пракса укажува дека музичарите и нивната дејност не се причина за ширење на заразата како што неосновано и без аргументи бевме обвинувани,затоа ние како здружение по (веќе и самите незнаеме по кој пат) апелираме и бараме да не вклучите во изготвување на протоколи во овој сегмент од нашата дејност која е тесно поврзана со угостителските објекти и конечно после 15 месеци да продолжиме да го работиме тоа што најдобро го умееме – да свириме“, велат музичарите и најавуваат дека дополнително откако Владата ќе се произнесе за предложените мерки ќе излезат со информација за нивните протести.

Поврзани содржини