Претседателот Стево Пендаровски денеска прими претставници на Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“, кои го информираа шефот на државата за предизвиците и тешкотиите со коишто се соочуваат музичарите поради пандемијата на КОВИД-19.
Како што соопшти кабинетот на Пендаровски, на средбата тие ја нагласиле потреба од итна ревизија на сите протоколи што се однесуваат на музичарите и на музичките работници.
– Претставниците од ова здружение рекоа дека бараат средби со Комисијата за заразни болести на кои би се разгледувале тековните состојби и актуелни проблеми со кои се соочуваат членовите на ова здружение, но и другите здруженија од сродните области. Тие најавија дека ќе поднесат и предлог до Владата и до Министерството за култура за организирање музички настани на територијата на целата држава со општински пари, а со цел децентрализација на културата, како и барање за поголема и поправична застапеност на македонските музичари во медиумите. Како итно барање, претставниците од Здружението ја истакнаа потребата од помош на семејствата каде двајцата сопружници работат во музичката област – се вели во соопштението.
Претседателот Пендаровски посочил дека само преку одговорен пристап, исклучиво во согласност со актуелната состојба која подразбира стриктно почитување на здравствените протоколи, да се бараат и изнаоѓаат решенија за работата на засегнатите музичари и музички работници.
Здружението за унапредување на правата на музичарите „Музика сега“ кое функционира од месец јули 2020 година и брои околу 2000 членови и приврзаници е формирано за исполнување на долгорочни планови, идеи и програми кои би придонеле кон целокупно подигање на културната и музичката сцена во Република Северна Македонија.