Музичарите ќе се качат на сцената, ама сè уште ги држи лутината
Пејачката Калина Велковска-Кали разочарано вели дека музиката во Македонија не ужива реален статус на професија, а тоа вистински се покажало во периодот на криза.
Пандемијата со ковид-19 и сите строги мерки за заштита од ширење на вирусот кои беа воведени во текот на изминатата година, а меѓу кои и забраната за одржување свадби, концерти и свирки на отворено и на затворено, буквално ги втурнаа музичарите до самиот раб на егзистенцијата.
Државната парична помош којашто им беше доделена, раскажуваат дел од уметниците со коишто разговараше Плусинфо, очигледно на голем дел од музичарите не им била доволна за достоинствено живеење и за прехранување на семејствата, па голем дел од нив решиле да ги остават музичките инструменти во футролите и да си ја побараат среќата во некој друг занает.
Но, со самиот почеток на летото и со самиот пад на бројките со новозаразени и починати од ковид-19, здравствените власти проценија дека е време да се повлечат мерките, а со тоа и да им се отвори можност на музичарите повторно да се качат на подиумот.
Сето тоа е одлично и нормално дека ќе се вратиме на бината, коментираат нашите соговорници-музичари, но таа скршена доверба, велат тие, допрва ќе почне да наѕира.
Пејачката Калина Велковска-Кали разочарано вели дека музиката во Македонија не ужива реален статус на професија, а тоа вистински се покажало во периодот на криза.
Грото од музичарите во моментов се во трка по пари за да вратат дел од загубите, дел веќе целосно ги заменија инструментите со лаптоп и се тргнати по некои други патеки.
– Суштината на уметноста како темел во културата е да создава приказни, да сведочи и да запишува временски епохи, да го едуцира и да го храни духот, и едно од најаважните нешта: да гаи надеж кога сите останати сегменти од општеството не се во можност да го направат тоа или едноставно се изморени поради фокусирање на други во моментот приориетни проблематики. И кога оваа формула за здрав раст и развој на колективниот менталитет ќе ја дисбалансирате или целосно исклучите од равенката секојдневие, тогаш неминовно ќе настанат промени како последица на тоа. Кај нас, за жал, музиката не ужива реален статус на професија, што вистински се покажа во периодот на криза. Немањето инфраструктура и организација на оваа дејност сред пандемија музичарите ги стави во позиција на постојан грч, недоверба и разочарување од релевантните институции и очајна борба за егзистенција. Најголемата болка лежеше во фактот што професијата беше претставена како излишна и проблематична од скоро целата јавност и беше целосно забранета – раслажува Велковска.
Сега кога официјално е дозволено вршењето на оваа дејност и сите ние смееме да се вратиме на бина, додава пејачката, таа скршена доверба допрва ќе почне да наѕира.
– Луѓето се индивидуалци и секој има различен став и различно се чувствува во врска со светот и сопствениот живот. Грото од музичарите во моментов се во трка по пари за да вратат дел од загубите, дел веќе целосно ги заменија инструментите со лаптоп и се тргнати по некои други патеки, а дел тврдоглаво се обидуваат да ја потсетат околината и да покажат со пример што е музиката и зошто таа постои. Нa творецот чија страст целосно лежи во лулката на споделување на своите ноти со светот, не смее да му биде одземена главната алатка за функционирање. А, човекот не смее да дозволи да му биде одземена желбата за славење на животот, сопствената слобода, љубов, радост, желба за забава, мечти и сѐ она кое го чува духот нескршен, да останеме цели, а не празни школки – објаснува Велковска.