Музејот на Народна банка со шест видеа за најексклузивните парични изданија го одбележа Денот на музеите
Секоја видеобелешка ѝ е посветена на засебна монетоковачка активност во одделен историски период.
Со едукативни видеоматеријали за најексклузивните парични изданија и е-презентации за ученици од трето до деветто одделение кои ќе траат цела недела Музејот на Народната банка ќе го одбележи Меѓународниот ден на музеите – 18 мај.
Во соработка со основните училишта во општина Центар, Музејот на Народната банка организира е-презентации за учениците од 3. до 9. одделение, коишто започнаа вчера, а ќе траат во текот на целата работна недела.
– Учениците ќе имаат можност да се стекнат со нови знаења за долгата историско-еволутивна патека на парите како едно од најважните технолошки откритија на човекот и посебно, за нивните карактеристични особености, својствени за овдешната македонска територија. Едновремено, дополнителната виртуелна прошетка ќе им открие и дел од нумизматичкото богатство изложено во постојаната музејска поставка, но ќе им овозможи да дознаат и за начините на кои специјализираната конзерваторска лабораторија се грижи за неговата физичко-хемиска заштита и зачувување – велат од Народната банка.
Музејот на НБ, во рамките на одбележувањето на Денот на музеите, изработи шест кратки едукативни видеоматеријали за најексклузивните и најзначајните парични изданија коишто биле произведувани на територијата на современата македонска држава, почнувајќи од 6. век пр. н. е., па сѐ до отоманскиот период и се дел од Нумизматичката збирка на Народната банка.
Секоја видеобелешка ѝ е посветена на засебна монетоковачка активност во одделен историски период, претставувајќи единствена наративна серија којашто говори за паричната продукција на пајонските племиња, на пајонските кралеви, на македонскиот град Лихнид, на римскиот град Стоби, на средновековниот крал Волкашин и крале Марко и на отоманските ковници во Скопје, Кратово и Охрид.
-Преку ваквите форми на музејска едукација, Народната банка и натаму ги промовира своите заложби за зачувување на културното наследство, но и за одржување на јавната меморија за универзалната вредност на минатите цивилизациски достигнувања како фундаментален човеков принцип за постигнување сегашна општествена стабилност и иден технолошки напредок – велат од НБ.