МУСИАЛА ОТКРИ ЗОШТО КОЛАБИРАШЕ ДВАПАТИ НА ТЕРЕН Фудбалерот вели дека состојбата може да се третира

Ѕвездата на Баерн Минхен доживеа два инцидента на пријателски натпревари, но вели дека состојбата е лечлива и дека нема дополнителен ризик по неговото здравје.

0

Ѕвездата на Баерн Минхен и германскиот репрезентативец Џамал Мусиала ги смири фановите и откри што стои зад двата негови колапса на теренот во последните четири дена.

23-годишниот фудбалер повторно колабираше во вторникот на пријателскиот натпревар против Хајденхајм, само неколку минути откако влезе во игра. Мусиала претходно доживеа сличен инцидент и на контролниот натпревар против РБ Лајпциг на 15 август.






По вториот инцидент, Мусиала се огласи на социјалните мрежи и објасни дека му биле дијагностицирани краткотрајни и привремени, но лечливи невролошки епизоди, предизвикани од невролошка дисфункција.

– Најпрво сакам да ве известам дека сум добро и да ви се заблагодарам на сите за пораките и огромната поддршка – рече тој.

Мусиала посочи дека е свесен оти сцените од натпреварите можеле да изгледаат страшно за јавноста.

– Знам дека многумина од вас се загрижени и денес сакам да ги смирам тие грижи и да објаснам што се случува. Ми беа дијагностицирани краткотрајни, привремени, но лечливи епизоди, кои се последица на невролошка дисфункција – објасни германскиот репрезентативец.

Според него, токму тие епизоди можат да ги предизвикаат моментите што се случија на натпреварите против Лајпциг и Хајденхајм.

– Знам дека на прв поглед можат да изгледаат алармантно, но за мене во моментов тие се дел од секојдневието. Добивам одлична медицинска грижа и останувам многу оптимистичен. Баерн Минхен и луѓето околу мене се целосно покрај мене и ме поддржуваат на овој пат – вели тој.

Мусиала особено нагласи дека нема дополнителен ризик по неговото здравје.

Тој објасни дека во консултација со лекарите и невролошките специјалисти одлучил да продолжи со секојдневниот живот и со она што најмногу му помага во опоравувањето – да игра фудбал.

– Со одобрение од невролозите, сакам да продолжам да се посветувам на она што најмногу ми помага во опоравувањето: едноставно да го живеам секојдневието и да продолжам да ја следам мојата страст – да играм фудбал – тече Германецот.

Мусиала зад себе има тежок период. Минатата сезона тој пропушти околу шест месеци поради сериозна повреда на глуждот, а сега се соочува со нов здравствен предизвик. Сепак, според неговата сопствена изјава, состојбата се третира, е под медицински надзор и тој добил дозвола од невролозите да продолжи да се занимава со фудбал.

Поврзани содржини