Муртинска верзија на обединувањето – ќе нѐ приведат, ќе нѐ врзат за сидрото и ќе го џитнат да влече напред!

Како ли ќе се обединиме околу нешто, побогу, ако само Ковачевски, СДСМ и ДУИ се тие што ни гарантираат европска иднина, а сите ние другите ја влечеме Македонија во изолација? И ако нема никаков друг, односно трет концепт?

5,139

Ја поддржувам идејата на министерот Бујар Османи за рамковен договор меѓу сите политички партии, односно за политички консензус, со цел Македонија да тргне напред кон Европската унија.

„Доколку навистина сакаме 2030 да ни биде годината кога ќе бидеме членка на Европската унија, ние мора да си подадеме рака, овде, помеѓу власта и опозицијата, односно политичките партии, дека оваа тема ќе ја тргнеме надвор од дневно-политичкиот натпревар и препукувања. Нам ни треба нов Рамковен договор за Европската унија“, рекол Османи.






Ја поддржувам и идејата на лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски, за нов договор за Македонија, кој ќе го отелотвори заедничкиот патриотизам како наша првенствена цел.

Да бидам искрен, јас не гледам суштинска разлика меѓу тие две идеи. Всушност, ако не успееме да ги обединиме нив двете, никогаш во Македонија нема да постигнеме консензус за ништо.

Исто ли мислиме со Османи?

Како што е познато, бев еден од многуте критичари на францускиот предлог и на односот на владата на СДСМ и на ДУИ кон таа иницијатива. Мислам дека моите жестоки критики беа аргументирани и конструктивни.

Тој предлог се прифати со целосно игнорирање на противењата на опозицијата и со отфрлање и демонизирање на мислењата на критички настроената јавност. Потем, се одржа толку посакуваната прва меѓувладина конференција и стана јасно дека таа означи само формален, но не и суштински почеток на преговорите меѓу Македонија и Европската унија.

По тој повод, на премиерот Димитар Ковачевски, на министерот за надворешни работи Бујар Османи, на претседателот Стево Пендаровски, на членовите на Владата, на пратениците во Собранието и на политичките водства во Македонија, јас им честитав. Но, не им честитав за нешто што не постои. Не им го честитав почетокот на преговорите со ЕУ. Такво нешто не постои. Преговорите ќе почнат тогаш кога Македонија ќе ги исполни добро познатите услови за одржување на втората меѓувладина конференција. И тоа не е нешто што го измислувам јас, тоа го пишува во рамката, јасно и прецизно.

Наместо честитки за еден непостоечки триумф, на Ковачевски, на Пендаровски и на сите други им го честитав „почетокот на една нова, голема битка за реформирање на нашата земја и за зачувување на нејзиниот идентитет и самобитност“. И на сите им посакав наместо со безразложно славје, или со протести, битката да ја почнат со итна мобилизација на сите човечки капацитети, заради обединување на поделената земја околу заедничката цел – Македонија во европското семејство, ама само со гордо крената глава, а не со понижувачки лузни на лицето.

„Оваа битка за Македонија можеме да ја добиеме само обединети. Никако поинаку. Знам дека ова ви звучи онака паролашки, но јас друга шанса за победа не гледам“, напишав тогаш.

И еве, ако добро разбирам, за ова сега зборува и Бујар Османи. Во свое име. Веројатно и во име на владата чиј член е. Можеби дури и во име на ЕУ, кој знае..

Ковачевски во рингот

Многу пати сум укажувал на опасноста што ја носат драматичните поделби во општеството и сум повикувал на консензус, на концентрација на политичките сили, на обединување. И сум го повторувал гранитниот аргумент – сите поголеми политички кризи во кратката, тридецениска историја на независна Македонија се решавани на таков начин. При тоа, јас сум само еден од многуте кои укажувале и укажуваат на тој ноторен факт.

Но, факт е и нешто друго. Секогаш кога некој ќе повика на обединување, одлучно се мобилизираат силите што заговараат натамошно продлабочување на поделбите. Ама баш секогаш. А имам чувство дека тие сили во овој момент се далеку помоќни и помотивирани.

Колумната што ја спомнувам и во која повикав на обединување е објавена во средината на јули (кој сака, може да ја почита на линкот на дното на овој текст). Во овие неколку месеци, јас си останав истиот човек. Веројатно како и сите вие, или барем како повеќето од вас, почитувани читатели.

А сепак, толку многу нешта се променија во реториката на луѓето кои ја водат оваа држава. За жал, во насока токму спротивна на идејата за обединување.

Бев вџашен кога на сите нас коишто ги критикувавме работата на историската комисија и усвоените „наративи“ за некои историски личности претседателот Стево Пендаровски ни порача дека „ни нема спас“. Каква реторика, каква закана!

На мое разочарување, веројатно возбуден од жестоките лични напади на кои е изложен во последно време (кои мора да научи да ги трпи), веројатно и лошо советуван од своите советници за бистрење политики и за матење „наративи“, во рингот влета и премиерот Димитар Ковачевски.

А импонираа неговата „пословност“ и воздржаност…

Стара плоча, муртинска…  

Не знам зошто и како одлучил човекот да ни ја продава старата и комична теза на Заевата пропаганда, според која во Македонија постоеле сили кои влечат напред (кон ЕУ) и сили кои влечат назад, во изолација. А трети немало.

Но еве, да потсетам што кажа Ковачевски пред некој ден:

„Државата денеска има два концепта. Едниот концепт на чие чело сум јас, тоа е концептот за Европска Македонија. Тоа е концет кој значи европска иднина, со кренати глави, заштитен македонски јазик, заштитен идентитет, да седиме на големата маса во Брисел, рамноправни… Другиот концепт е оној на опозициската ВМРО-ДПМНЕ. Тој концепт ја води земјата во изолација и враќање назад во минатото, да седи народот сам, раскаран со светот, со ЕУ“.

Кога го слушнав ова, веднаш ми стана јасно дека некој од околината на Ковачевски му продал стара плоча. Ми текнува, Владе Милчин, јас и една екипа околу нас ја верглавме таа плоча пред скоро петнаесет години. Искрено, жал ми е кога гледам како премиерот купил бајата стока.

Од овие лузерски „наративи“ треба да бега како ѓавол од крст!

Во она наше време, тоа беа свежи и остри тези, но потоа, откако Заев ни ги украде и плочата и грамофонот, тие се надградија и се упростија во некакви нови муртински дихотомии, според кои сите добрини и доблести на овој свет се собрани во СДСМ, а сите зла се отелотворени во ВМРО-ДПМНЕ и во другите критичари на власта.

Не таму во милта!

Комични, но и погубни се тие заблуди. Зборуваат за голема политичка незрелост на оние што ги „дисеминираат“. Сведочат за еден латентен говор на омраза кон политичките неистомисленици и за авторитарен дух.

Тоа бездруго не е европска реторика, туку локална, муртинска верзија на нашиот традиционален балкански простаклук.

Тоа не е едро. Сидро е. Убаво си кажа Заев. И само во Заевата глава џитнатото сидро може да влече напред. Реално, тоа секогаш влече надолу, во милта, на дното, таму во гробницата на надежта.

Таму каде што јас не сакам да ги видам ни нашиот премиер, ни нашиот претседател, ни лидерот на опозицијата. Никого.

Напротив, сакам да ги видам издигнати над тие поделби, но и над сопствените фрустрации, сите свесни за големата историска одговорност што ја носат на своите плеќи.

Може ли да се повикува на политички консензус и на рамковен договор за ЕУ без такво елементарно чувство на одговорност?

Како ќе се обединиме?

Како ли ќе се обединиме околу нешто, побогу, ако само Ковачевски, СДСМ и ДУИ се тие што ни гарантираат европска иднина, а сите ние другите ја влечеме Македонија во изолација?

Ќе нѐ приведат, ќе нѐ врзат за сидрото и ќе го џитнат да влече напред?

Можеме ли да се обединиме, на пример, како пристојни и одговорни луѓе, коишто не се срамат да кажат дека се македонски патриоти, коишто имаат своја национална гордост и достоинство и не потклекнуваат на секоја уцена?

Јас, на пример, мислам дека целата македонска надворешна политика кон Софија и кон Брисел и самата стана една голема антимакедонска провокација. И тврдам дека мора да сториме многу нешта за да ја коригираме таа политика и да ја збогатиме со нови идеи и иницијативи.

Дозволено ли е да размислуваме така?

Дозволено ли е да се надеваме дека до консензус и до договор можеме да дојдеме и на таков начин, или сите мораме да се обединиме околу концептот којшто сега, како што слушнавме, го предводи Ковачевски и кој е единствен по тоа што освен него немало друг проевропски концепт во оваа земја?

Рака пружена или свиткана на лактот и крената нагоре?

Едно е да се зборува за обединување и за консензус, друго е искрено да се пружи рака.

Самиот гест на пружање рака традиционално значи добронамерност, почитување, доказ дека во раката не држиме скриено оружје и дека не сме агресивни, а најважно од сѐ – дека имаме доверба кон оној што ја пружаме раката, дека сме го совладале стравот дека тој ќе ни ја грабне.

Кој не е спремен за таков гест, има богат избор на други гестови. Само треба да го знае нивното значење.

На пример, тука е гестот со раката свиткана на лактот и крената нагоре. Ни ја покажа Заев на локалните избори.

Нејсе…

Компромисот и обединувањето се нужни. И можни. Тоа не се само празни зборови, туку реална перспектива. Но, само за тие што сакаат и умеат да ја видат.

Значи, можеме и мораме да си пружиме рака. Ама едно мора да биде јасно како бел ден – пружањето рака секогаш е прерогатив на сигурните во себе и обврска на моќните, не на слабите.

Честито нова, голема битка за Македонија

Поврзани содржини