Мултиетничка Северџанија

1,512

Џабе е повикот – „…денес на македонскиот народ му е потребен револуционерниот пркос од 1893 година, за да се запрат ударите врз темелите на државата“. Доцнимеее…! Револуционерниот пркос на нашите предци им послужи за подбив на предавниците Македонци, кои како крлежи вкопани во власта, здружени со качачките изданоци, ја урнисаа државата Македонија и подмолно го обесчестија ликот на Македонецот.

Со бришењето на името на државата нѐ обезглавија како народ – Македонци и нѐ збришаа од картата на народите. Како сираци останавме без национална стратегија и програма, и никакво национално единство… Основните АСНОМ-ски државотворни принципи без кои не се препознава Македонија како матична држава на македонскиот народ, а во неа ниту Македонецот, па колку и да сакаме меѓу себе така да се нарекуваме, ги заборавивме?!






Решението на македонското прашање е најпосле пронајдено, од други, со тоа што, ние Македонците, меко, подзаспано прифативме главниот државен акцент од себе да го насочиме против „македонската тортура врз обесправените, маргинализираните, дискриминирани… и речиси геноцидирани етнички групи, кои во суштина се конститутивни, што значи државотворни – уставотворни народи – нации. „Сето тоа, по брза политичка постапка, благодарение на предавниците од сопствениот род кои најбргу што можеа побрзаа да ги послушаат странските наредбодавци и да ја прифатат како своја туѓата национална доктрина со покорна нагласеност дека не само што со неа се согласуваат, туку и дека ќе ја туркаат „мултиетничката демократија“ како државна политика. Тој антимакедонски концепт, фактички камуфлирана грижа за Албанците, е отворена поддршка на проектот „Г. Албанија“ под протекторат на САД, за која, мнозинскиот народ кој меѓу себе се нарекува Македонец не е во согласност со нејзиниот стратешки интерес за овој регион, ниту во согласност со интересите  на нејзиниот традиционален партнер Грција, ниту на главниот балкански партнер (Г. Албанија), и многу-потребната (поради излезот на Црното море) разјарена Бугарија.

Значи: – замената на светски прифатената вредност – граѓанската демократија, која е цивилизациско достигнување, со некаква наменски измислена мултиетничка демократија, е со јасно пресметана, сега веќе отворена цел: македонската нација да не постои, да ја снема, исто како што не постојат – збришани се, македонски национални малцинства во соседните држави. Тој предавнички туѓ концепт за мултиетничка држава каква (друга) во светот не постои и не се потенцира, односно форсира, од причина што постојат само мултиетнички општества, успешно е спроведуван пред наши очи од комбинираната „наша“ прислужничка власт, преку заканата на наредбодавателите – спроведувајте го концептот кој што сме ви го задале, ако сакате да останете на власт!

Да не се лажеме – после не туку-така објавената Тиранска платформа, на сите (?) ни стана јасно спознанието дека Тирана го изоде планираниот пат и идеолошки ги прибра во своите политички прегратки, значи кон себе, демек братски, раководствата на сите албански партии на Косово и Македонија, а со тоа и јавното гордеење со фактичката траса на „добре дојдовте во Голема Албанија“.

Звучам несериозно (?), но сериозно е дека натурениот концепт за мултиетничка Северџанија кој упорно се спроведува од комбинираната владејачка банда, има многу важна функција за нашите стратешки партнери – Западот, а посебно усогласено со агресорската политика на сите наши соседи. Сите тие имале и имаат територијални претензии со упорно побивање на повеќе од стотици години старата македонска национална програма која за жал самите – ние ја погазивме. Тој брутално туркан експанзионизам беше неуспех сѐ додека ние Македонците самите не се испуштивме од сопствените раце, свесно, спонтано прифаќајќи – мирнодопска неутрализација на македонскиот национален фактор, престорен во некаква мултиетничка творевина, каква не постои околу нас. Таа од уста невадена мултиетничност во суштина е двоетничност, или воспостава како планирана историска фаза на големоалбанската експанзионистичка наезда кон целта – Г. Албанија. Во сето ова, американскиот фактор ја има улогата на покровител, заштитник, миротворец… со класична, модерно продолжена империјалистичка шема, пред која дволично молчиме.

Задоволни сме со декларативната демагогија на САД за поддржување на територијалниот интегритет на престорената држава, со упорна заинтересираност за брзо приклучување кон ЕУ, која претворена во фашистичко дувло, економски ослабена, политички зависна, исчезнува. За тоа време Македонија дреме под комплетно прислужничката власт, каква им одговара на Западот, поточно на НАТО, кој на Балканот ја гради најголемата база – држава, која се простира од Србија (постепено ја ослабнува) – Косово, Македонија и Албанија, со единствена одбранбена НАТО-вска армија.

Значи, по примерот на Европа и Русија, кои во однос на македонското прашање се покажаа со голем и познат респект, треба да ни биде јасно дека и нашиот грижен стратешки партнер кој будно нѐ диригира од Калето, ќе се труди да ја спроведе својата политичка шема. Со помош на мафијашката власт која ја поддржува, ќе му се помогне дефинитивно да нѐ дотолчи…. претворајќи го и последниот остаток од македонството, во безличен „мултиетнички„ географски ентитет, со разнебитена социјала, посебно – национална свест и идентификација, што значи – колонија која ќе се користи (и досега) како средство, полигон, база… за дејствување, по потреба, врз некоја трета земја. Оваа состојба и сега мекамлиски продира и веќе е навлезена во структурата на државата предизвикувајќи тотално рушење и бришење на нашиот национален македонски идентитет.

Предавниците од власта успееја спротивно на волјата на народот државата да ја претворат од граѓанска творба, во тоталитарна. Тука се надоврза како поматена агресија и соседната Бугарија, која усогласена со внатрешно предавничката власт, со наводен добрососедски договор, се нафати да нѐ турка кон Европа, но не како македонски народ во држава Македонија, туку како преобразен надоврзок на Бугарите. Ниту Брисел, ниту Америка не ставија примедба на таквата беспримерна наезда. Напротив, со продолжен притисок, вербална тортура и закана врз нас, која трае и денес, ја поддржаа.

Ете, тоа е големиот македонски национален пораз на народ кој остана без името на својата национална држава, а со тоа и без сопственото име. Народ, кој својата чест со векови достоинствено ја бранеше и со своја борба и жртви успеа да создаде самостојна држава… Тоа е пораз и разочарување од сопствената камелеонска интелигенција која со молк, кукавички покажа дека е загрижена само за власт и привилегии. Тоа е македонскиот национален просторен пораз, наш, кој беше зародиш и промотор на пошироки просветителски и културни придобивки. Пораз на опстанокот и перспективата на македонскиот народ, кој како народен ентитет, во својата прадедова земја си ги прокоцка од себе самиот создадените шанси, да стане национален идентитет.

Народната вели: Лесно е да се справиш со душманот кој ти чука однадвор, на портата. Тешко е да се справиш со душманот кој ти е седнат дома.

Поврзани содржини