Мудрост
Наскоро ќе ја добијам комплетната шема како се переле парите и како системски се уништувале физичките и правните лица, затоа апелирам до сите институции да го земат предвид моето предупредување со цел да се најде решение за сите оштетени страни.
Насловот на денешнава колумна го извлеков од една стара еврејска молитва која мудро вели:
1. Боже дај ми сила да го издржам тоа што не можам да го променам.
2. Боже дај ми памет да го променам тоа што ќе можам.
3. Боже дај ми ја мудрост да ги разликувам тие две погоре наведени нешта.
Оваа мудра молитва беше вградена во мене сиот мој живот и настојував при носењето на сите свои животни одлуки да постапувам токму според мудроста на која упатува таа.
Со жалење морам да заклучам дека и мудроста е немоќна кога е во прашање нечесноста, неправдата, нечесните противници, игрите на моќ, кои се со тажни и болни последици, што треба стоички и достоинствено да ги преживееме.
Ова мое лично искуство не значи дека на мудроста треба да заборавиме, туку напротив треба од лошото искуство да влечеме поуки, со цел да изградиме вистинско праведно општество за заеднички просперитет и иднина.
Сега повторно би се вратил на стечајот на Еуростандард банка. Во минатите колумни пишував за сите процедури кои беа прескокнати од Народна банка за вонредната ситуација предизвикана со ковид-19 и неконзистентноста на тогашната техничка влада со носење на контрадикторни уредби, поврзани со стечај на правни лица, што во краен момент ја однесоа банката во стечај, иако ние акционерите до последен миг бевме во постојана комуникација со Народна банка, со цел нејзино стабилизирање и барање на коинвеститор во самата банка.
Банката отиде курбан, што би рекле старите „заклаа вол за едно кило месо“.
Овој потег за носење Еуростандард банка во стечај беше императив на структурите кои владееја и сѐ уште владеат на полето на организираниот криминал. Се прашувате зошто? Затоа што со новиот менаџерски тим бевме на пат и влеговме во многу траги за недозволиви со закон трансакции во кои ќе дојдевме до крајната дестинација каде завршиле парите.
Повторувам дека парите се во Македонија, само не на сметка на сопствениците, туку на сметки на организаторите на овој криминал.
Почитувани, јас длабоко навлегов во генезата на овој криминал и многу брзо може да се случи да ја добијам на база на мојата посветеност, комплетната шема како се переле парите и како системски се уништувале физичките и правните лица.
Фактите до кои ќе дојдам се страотни и мудроста ми налага да бидам рационален во моето натамошно постапување.
Бидете убедени дека во оваа моја мисија ќе успеам, меѓутоа не сакам својата битка да ја добијам заложувајќи ја иднината на Република Македонија и апелирам до сите институции да го земат предвид моето предупредување со цел да се најде решение за сите оштетени страни – не говорам само за Еуростандард банка, туку и за многу други правни субјекти, кои се злоупотребени и финансиски уништени. За сите оштетени ќе мора да се најде начин да се обештетат.
Повторувам, овој мој заклучок кој сѐ уште не е дефинитивен не го толкувајте како закана, туку напротив како опомена.
Сакам да се осврнам на последната објава на оштетените штедачи на Еуростандард банка, упатувајќи им многу јасна порака: „Пукате во празно и тоа со ќорци“, ако вашето присуство во етерот сакате да биде забележително и во ваша корист, морате прво сами меѓу себе да се договорите. Очигледно текстовите кои се пишуваат на вашата Фејсбук страница, се текстови на една личност. Со вашиот претседател на здружението на оштетени штедачи имав два пати средба и нему бланко му ја потпишав мојата пристапница кон вашето здружение. Искуството стекнато од тие два состанока со господинот Трајков, ни најмалку не ми дава гаранција дека навистина сака да се бори против ова зло наречено организиран криминал. Барајќи жртви за вашите загубени пари, вие талкате и напаѓате токму на човекот кој најмногу се застапува за зачувување на вашите интереси, а тоа значи 100% отштета. Почитувани оштетени штедачи, за време на тие два состанока јас, кој се борам против организираниот криминал добив три непримерни понуди од вашиот таканаречен претседател. Непримерноста нема да ја коментирам бидејќи е многу слична како и злото против кое се борам. Ваше е да одлучите како понатаму ќе дејствувате, меѓутоа ве советувам првенствено меѓу себе да се преиспитате кому и зошто му ја давате палката да ве претставува во јавноста.
На крајот сакам да му пратам порака на премиерот Заев. Г-дине Заев, со новата еврообврзница нѐ задолживте со нови 750 милиони евра, без да ни објасните за што ви се потребни овие огромни средства. Од информациите дознавме дека имате доспеан долг од 500 милиони евра за враќање, заклучувам повторно земање кредит за враќање на стари долгови и повторно зголемување на нашата задолженост на веќе 63% од вкупниот бруто национален доход. Нетранспарентноста како се трошат нашите пари за жал продолжува.
Зошто не помислите со останатите 250 милиони евра од оваа еврообврзница која што сите ние граѓаните на Република Македонија ќе ја враќаме, да ги обештетите сите настрадани правни и физички лица од лошо поставениот систем на функционирање на институциите во државата.
Вам и на вашите блиските ви се многу добро познати правните и физичките лица за кои станува збор.
Минуваат веќе 7 месеци од носењето на Еуростандард банка во стечај. Освен првичното сослушување од Комисијата за финансирање буџет во Собранието на РМ и првото мое сослушување пред обвинителот при ОЈО, кој обвинителен акт е далеку од паметот да биде реален до денеска не сум повикан на било каков информативен разговор од службите кои по сила на законот мора да ме повикаат. Ваше е да одлучите, меѓутоа мора да ги земете предвид и последиците, бидејќи фактите кои набргу ќе ги поседувам ве убедувам дека се многу посилни отколку бомбите кои беа објавени во 2016 година.
Повторувам, не се заканувам, а ако сметате дека тоа го правам, слободно повелете и преземете ги сите мерки за ваша безбедност.
Кумановци велат, цитирам: „дојдеа нож до коску”.