МУЦУНСКИ ЌЕ СЕ СРЕТНЕ СО РУБИО ВО СТЕЈТ ДЕПАРТМЕНТОТ Работна посета во САД по повод 30 години од Дејтонскиот мировен договор
Муцунски е во работна посета на САД на покана на конгресменот и шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Тарнер.
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија Тимчо Муцунски денеска треба да се сретне со државниот секретар на САД, Марко Рубио.
Средбата е закажана за 9.30 часот по локално време во Стејт департментот.
Муцунски е во работна посета на САД. На покана на конгресменот и шеф на делегацијата на САД во Парламентарното собрание на НАТО, Мајкл Тарнер, министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски, учествуваше на одбележувањето на 30-годишнината од Дејтонскиот мировен договор, што се одржа во рамките на Пролетната сесија на Парламентарното собрание на НАТО во Дејтон, Охајо.
За време на престојот, министерот Муцунски се обрати на сесијата посветена на унапредувањето на стабилноста на Западен Балкан, како и на завршната Пленарна седница, со која беше заокружен овој значаен настан. Во текот на двете сесии беа разменети мислења за напредокот на земјите од регионот и за актуелните безбедносни предизвици. Учесниците заклучија дека, во услови на зголемени ризици, неопходен е засилен ангажман на меѓународната заедница за зачувување на стабилноста и просперитетот.
Говорејќи за претстојниот Самит на НАТО во Хаг, Муцунски подвлече дека одвраќањето не се постигнува со декларации, туку со инвестиции, решителност и кредибилни капацитети. Единството мора да биде функционално, не само декларативно.
Во рамки на активностите на Парламентарното собрание на НАТО, министерот Муцунски, заедно со генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, претседателите на Албанија, Косово и Црна Гора, премиерот и министерот за надворешни работи на Хрватска, членови на Претседателството на Босна и Херцеговина и други лидери од регионот, присуствуваше на свечениот прием во воздухопловната база „Врајт-Патерсон“. На настанот беше нагласена потребата од зајакната регионална соработка, стабилност и безбедност.