Муцунски: Цените на струјата, производите и инфлацијата растат, бараме 5% ДДВ-то да остане и во иднина
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски посочи дека намалувањето на ДДВ-то се однесува на домаќинствата на регулираниот пазар и оти ваквата интервенција на Владата, која се прави за првпат, е во интерес на граѓаните.
Комисијата за финансирање и буџет како матична собраниска комисија денеска ја почна амандманската расправа по Предлог-измените на Законот за додадена вредност со кои за годинава се предлага намалување на ДДВ-то за електрична енергија од 18 на 5 проценти.
Пратениците расправаа по првиот амандман поднесен од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бара стапката на данокот на додадена вредност за електрична енергија од пет проценти да важи не само за домаќинствата, туку и за компаниите и за индустријата.
Претседателот на Комисијата Тимчо Муцунски апелираше до пратениците од парламентарното мнозинство да го прифатат амандманот бидејќи, како што рече, тие се во интерес и на граѓаните и на стопанството. Според Муцунски, со предложениот закон, цената на струјата не се намалува, туку само се одржува.
– ВМРО-ДПМНЕ ќе поддржи намалување на ДДВ-то, но бараме тоа да биде посеопфатно од она што е предложено во законот – рече Муцунски.
Заменик-министерот за финансии Димитар Ковачевски посочи дека намалувањето на ДДВ-то се однесува на домаќинствата на регулираниот пазар и оти ваквата интервенција на Владата, која се прави за првпат, е во интерес на граѓаните.
– Одлуката за цената на струјата ја определува Регулаторната комисија за енергетика и тука Владата нема влијание, но можеме да влијаеме врз ДДВ-то и затоа имаме предлог за намалување на даночната стапка од 18 на 5 проценти со што ќе овозможиме цената на електричната енергија кај финалниот потрошувач да не се почувствува – рече Ковачевски.
Нагласи дека од 2006 до 2017 година цената на струјата за домаќинствата била зголемена за 82 проценти и во ниту еден момент од тогашната Влада не било предложено намалување на ДДВ-то, додека од 2017 до 2020 година имало намалување на цената од 3,94 проценти.
Опозицијата има поднесено уште еден амандман со кој се предлага стапката од пет проценти да остане и во ситуација ако цената на струјата остане иста или продолжи да расте и во иднина.
Амандманската расправа продолжува утре во 12 часот.
Комисијата денеска го разгледа и Предлог-законот за утврдување на јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и коридорот 10 Д (делница на автопатот Прилеп – Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка во второ читање. На Предлог-законот беа поднесени четири амандмани од страна на пратеникот Љупчо Балковски, но тие беа одбиени.