МУ „СУДЕВМЕ“ НА СУДИЈАТА ФЕРАТИ, НАМЕСТО ДА ТРОПНЕМЕ НА ВРАТАТА НА ОБВИНИТЕЛИТЕ Што ја натерало обвинителката Елмази да се јави во улога на бранител на човекот што ја прегази Теодора?

Откако Апелациониот суд во Гостивар ја „плафонирал“ казната за Менсур Пајазити на 2 години затвор, ниту еден суд веќе не можел и нема да може да досуди повисока казна. Такво е правното начело од ЗКП. Но, никој досега не побарал објаснување зошто вишата јавна обвинителка Вјолца Елмази се согласила да му се досуди поблага казна. За нејзината постапка не се изјасниле и нејзините шефови, гостиварскиот Фаик Арслани и главниот, Љупчо Коцевски.

6,908

Судскиот совет вчера ги расчисти дилемите – тетовскиот судија Ељведин Ферати, кој деновиве беше изложен на жестоки критики поради донесената пресуда во повтореното судење, со која обвинетиот Менсур Пајазити го огласил за виновен затоа што ја прегазил и ја усмртил 22-годишната Теодора Ристовска на пешачки премин во Тетово и го казнил со ефективна затворска казна во траење од 2 години, дури и да сакал не можел да изрече повисока казна.

Дел од јавноста, вклучително и авторот на оваа анализа, помислија дека неговите колеги од Основниот суд во Тетово не се во право кога тврдеа Ферати донел законита одлука, бидејќи „обвинетиот го осудил со максималната дозволена казна затвор, имајќи ја предвид забраната за менување на полошо (reformatio in peius), како начело предвидено во Законот за кривична постапка“.






„Плафонирање“ на казната

Што се случило во судската постапка за трагичниот настан во Тетово?

Максималната казна за тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот со смртни последици е 5 години затвор. Во првостепената постапка во Основниот суд во Тетово, сега веќе пензионираната судијка Вера Костовска, на 30 ноември 2023 година, на Пајазити му пресудила 3 години и 6 месеци затвор. Во текот на судењето, обвинетиот се бранел дека пешачкиот премин не бил осветлен и не бил обележан, а Ристовска се движела со телефон в раце и со слушалки ставени во ушите. Пајазити го признал делото, се покајал и изјавил дека има сестра на која ѝ е одземена деловната способност и за која мора да се грижи.

Во светлината на овие околности, би можело да се каже дека првичната пресуда можеби била во рамките на очекувањата. Трагедијата е голема, болката на унесреќените уште поголема, но максималната казна што можела да се досуди е 5 години затвор. Пајазити се жалел на првостепената пресуда и од Апелациониот суд во Гостивар побарал поблага казна. Обвинителството, пак, побарало гостиварска Апелација жалбата да ја одбие како неоснована.

И тука, во тој момент, доаѓа до неочекуван пресврт. На јавната седница на Апелациониот суд, вишата обвинителка од Гостивар, Вјолца Елмази, ќе се предомисли и ќе побара жалбата на Пајазити делумно да се уважи во делот на казната, односно да се досуди пониска затворска казна. Шефајет Хајдари, Даут Рустеми и Емине Мурати, апелациски судии од Гостивар, во април 2024 година ќе ја преиначат пресудата на Основниот суд Тетово и мериторно ќе одлучат да ја намалат казна за Пајазити од 3 години и 6 месеци на 2 години затвор.

Законот за кривична постапка е неумолив. Во тој момент казната за Пајазити е „плафонирана“ на 2 години. Дури и во случај на повторена постапка, ако е изјавена жалба само во корист на обвинетиот, пресудата не смее да се измени на негова штета во однос на правната оцена на делото и на кривичната санкција. Тоа резолутно се кажува во членот 428 од ЗКП („Забрана за менување на полошо“).

Никој веќе не може да досуди повисока казна

На правните застапници на Пајазити ова очигледно им било добро познато. Кога ја обжалиле пресудата на Апелациониот суд во Гостивар пред Врховниот суд, тие знаеле дека доколку успеат да издејствуваат повторена постапка, ниту еден суд веќе не може да му досуди повисока казна на нивниот клиент.

Така и се случило. Со одлука на Врховниот суд, пресудата на Основниот суд Тетово (К.бр. 436/23 од 30 ноември 2023 година) и пресудата на Апелациониот суд Гостивар (КЖ.бр. 64/24 од 16 април 2024 година) се укинуваат и предметот се враќа на повторно судење на првостепениот суд. По враќање на предметот во Основен суд Тетово, истиот добива нов број (К.бр. 117/25) и во работа го добил друг судија, различен од судечкиот судија кој ја донел првостепената пресуда. И така, по одржана главна расправа на 7 април 2025 година по предметот К.бр. 117/25, обвинетиот дал признание на вина, а Основниот суд Тетово го осудил на казна затвор во траење од 2 години.

Важно е да се нагласи дека при евентуално повторно судење по жалба, ниту еден суд веќе не може на Менсур Пајазити да му пресуди повисока казна.

Тропање на погрешна врата

Има ли грешки во овој процес?

Има. Но, јавноста, а и премиерот Христијан Мицкоски, згрозени од пресудата на Ферати, барајќи правда за Теодора, сепак тропнаа на погрешна врата, на вратата на Судскиот совет. Сега е јасно дека сите судии што пресудувале во овој случај (Вера Костовска, Шефајет Хајдари, Даут Рустеми, Емине Мурати и Ељведин Ферати) постапиле законски.

Костовска не досудила максимална казна, но сепак висока (3 години и 6 месеци). Апелациските судии Хајдари, Рустеми и Мурати немале избор освен да досудат пониска казна, кога вишата јавна обвинителка Војлца Елмази на јавна седница на Судот се согласила казната да биде пониска. А најнапаѓаниот Ферати, пак, немал друг избор освен да ја потврди „плафонирата“ казна од 2 години затвор за Менсур Пајазити.

Грешката – ако воопшто станува збор за грешка, а не за смислен план – е дело на гостиварската виша јавна обвинителка Вјолца Елмази.

Вјолца Елмази во улога на обвинител и на бранител

Според она што јавно е соопштено, Вишото јавно обвинителство Гостивар, по изјавената жалба на осудениот Пајазити до Апелацискиот суд во Гостивар, доставило писмен предлог (III КОЖ бр. 99/24 од 11 март 2024 година), со кој се предлага изјавената жалба од обвинетиот да се одбие како неоснована. Апелациониот суд Гостивар, по предлогот доставен од страна на Вишото јавно обвинителство Гостивар, закажал и одржал јавна седница, на која јавниот обвинител од Вишото јавно обвинителство Гостивар (Вјолца Елмази), извршил измена на претходно дадениот писмен предлог, предлагајќи „делумно да се уважи жалбата на обвинетиот изјавена преку неговиот бранител на начин што на обвинетиот ќе му се изрече поблага кривична санкција“.

Засега не е јасно зошто постапила така обвинителката Елмази. Досега од никого не слушнавме дека било побарано објаснување од неа за нејзината постапка. Објаснување не е побарано ни од шефот на тоа Вишо јавно обвинителство, вишиот јавен обвинител Фаик Арслани.

Која околност се променила што обвинителката Вјолца Елмази, на јавна седница, на записник, диктира измена на писмениот предлог на нејзиното Вишо обвинителство и бара делумно да се уважи жалбата на обвинетиот и да му се изрече поблага кривична санкција?

Дали јавниот обвинител Вјолца Елмази во овој случај била и обвинител и бранител на обвинетиот?

Знаеле ли за ова Фаик Арслани и Љупчо Коцевски?

Јавноста треба да знае дали за својата намера вишата јавна обвинителка Елмази го известила својот шеф Фаик Арслани и дали за видно изменетиот предлог за предметот КОЖ бр. 99/24 била составена службена белешка, во која се наведени причините за оваа пресвртна одлука.

Конечно, со оглед на хиерархиската поставеност на Јавното обвинителство, Јавниот обвинител на РСМ Љупчо Коцевски треба да се праша дали побарал писмена информација од Вишото јавно обвинителство Гостивар за постапувањето во конкретниот предмет. Ако била побарана таква информација, јавноста треба да знае кога е побарана и со какви наводи.

Конечно, дали за постапките на обвинителите Вјолца Елмази, Фаик Арслани и Љупчо Коцевски не треба да се изјасни и Советот на јавни обвинители?

Поврзани содржини