МУ СЕ ЗАКАНУВАТЕ, А ТОЈ ВЕ ШТИТИ ПОРАДИ СРБИЈА Ана Брнабиќ одговори на смртните закани упатени кон Вучиќ
Знајте дека и вас ве штити Александар Вучиќ, заради стабилноста. Да не беше така, вечерва ќе ви посакаа добредојде десетици илјади членови на Српската напредна странка. Вака му се заканувате, тој ве штити заради Србија. „Херои“ несреќни, напиша Ана Брнабиќ.
Премиерката на Србија, Ана Брнабиќ, на својот Твитер профил се огласи поради смртните закани кон претседателот Александар Вучиќ, кои беа упатени за време на протестот на неколку стотици членови на проруските екстремистички и клерофашистички организации во Србија, кои се собраа пред Претседателството во Белград.
– Го газите српското знаме, се повикувате на друга држава, се заканувате дека ќе го убиете претседателот на Србија. Знајте дека и вас ве штити Александар Вучиќ, заради стабилноста. Да не беше така, вечерва ќе ви посакаа добредојде десетици илјади членови на Српската напредна странка. Вака му се заканувате, тој ве штити заради Србија. „Херои“ несреќни – напиша Ана Брнабиќ.
Српскиот претседател Александар Вучиќ пристигнал во зградата на Претседателството, каде ќе се одржи вонреден состанок со сите клучни луѓе од безбедносниот сектор, јавија белградски медиуми.
Според информациите на „Новости“, на состанокот ќе се разговара за безбедносната состојба во државата, по опасните пораки изнесени на вечерашниот собир на екстремисти во Белград.
Се очекува да се разгледа и улогата на одредени странски разузнавачки структури.
Учесниците на протестот, кој започна во 18 часот, претходно вечерва не ги доставија своите барања до Претседателството, кои се однесуваат на повлекувањето на Вучиќ од преговорите со Приштина, објавувањето на француско-германскиот предлог и неговото одбивање. Тие го очекуваат обраќањето на претседателот на државата.
Силни полициски сили ја обезбедуваат зградата на Претседателството и се присутни и на други локации во центарот на Белград, јави Бета.