МУ СЕ ТРЕСЕ ПРЕМИЕРСКАТА ФУНКЦИЈА Џонсон призна дека бил на забава, сега бараат негова оставка
Лидерот на конзервативците во Шкотска, Даглас Рос заедно со уште неколку истакнати пратеници, го повикаа Џонсон да поднесе оставка, наведувајќи дека неговата позиција е неодржлива, пренесе Би-Би-Си.
Премиерската позиција на Борис Џонсон е доведена во прашање, откако тој денес се соочи со повици од неговата Конзервативна партија да поднесе оставка, јавуваат британските медиуми.
Ваквото барање следи откако британскиот премиер вчера конечно призна дека присуствувал на забава во неговата официјална резиденција за време на „локдаунот“ воведен поради вирусот ковид-19.
Британските медиуми пренесуваат дека Џонсон вчера испрати „искрено извинување“ за собирот во Даунинг стрит од мај 2020 година, наведувајќи во парламентот дека го разбира гневот на јавноста поради ова откритие.
Лидерот на конзервативците во Шкотска, Даглас Рос заедно со уште неколку истакнати пратеници, го повикаа Џонсон да поднесе оставка, наведувајќи дека неговата позиција е неодржлива, пренесе Би-Би-Си.
– Расположението не е одлично. Постои голема загриженост меѓу моите колеги за штетата што овие наоди и ја нанесуваат на Конзервативната партија. Но, мислам дека вчера имаше промена на мислењето – изјави членот на Конзервативната партија Џејк Бери за Би-Би-Си.
Џонсон вчера првпат призна дека се присуствувал на собирот одржан во градината на Даунинг стрит на 20 мај 2020 година, наведувајќи дека останал околу 25 минути за да се заблагодари за, како што мислел, работниот настан.
Притоа Џонсон кажа и дека се кае за своите постапки, затоа што во тоа време, социјалните контакти беа сведени на минимум и многу луѓе беа бесни што не можат да ги посетат своите најблиски на смртна постела или да присуствуваат на погреби.
Како одговор на барањата за негова оставка, Џонсон денес кажа дека луѓето мора да го чекаат исходот од внатрешната истрага спроведена од високиот државен службеник Сју Греј, чиј извештај се очекува во следните две недели.