МУ ГО ЧУВАЛЕ РАБОТНОТО МЕСТО 23 ГОДИНИ Разрешениот судија Лазар Нанев се врати како инспектор во МВР
Разрешениот судија Лазар Нанев од Кавадарци, против кого се води судски процес, повторно е вработен како полициски инспектор во ОВР Кавадарци, откако 23 години му мирувал работниот однос во МВР.
Поранешен претседател на Основниот суд во Кавадарци, Лазар Нанев, кој беше разрешен од судиската функција поради нестручно и несовесно работење, повторно е ангажиран како инспектор во полицијата во Кавадарци, објави телевизија Телма.
Нанев е вратен во Министерството за внатрешни работи (МВР) врз основа на решение донесено уште во 2002 година од тогашниот министер Љубе Бошкоски, со кое неговиот работен однос во МВР му беше ставен во мирување по изборот за судија.
Тој претходно работел како инспектор од 1992 до 2002 година во ОВР Кавадарци и во Отсекот за сузбивање на организиран криминал при СВР Велес, пред да биде избран за судија.
Сепак, по неговото разрешување од судиската функција во февруари оваа година, откако Судскиот совет утврди дека Нанев 97 пати се јавил на обвинет во предмет кој го судел, тој поднел барање да се врати во МВР. Против него се води и судски процес, а првото рочиште е закажано за 23 септември.
Дополнително, Советот добил и пријави за притисоци врз обвинител во Кавадарци во времето кога Нанев бил активен судија.
Министерството за внатрешни работи, одговарајќи на новинарско прашање од Телма, ја потврди информацијата и објасни дека Нанев е вратен на работното место „инспектор за општ криминалитет“ во Надворешната канцеларија за криминалистички работи во Кавадарци, при СВР Велес, од 15 јули 2025 година.
Од МВР нагласија дека неговото враќање е согласно законските одредби, бидејќи му бил гарантиран поврат на работното место што одговара на неговиот степен и вид на стручна подготовка во рок од 30 дена по престанување на функцијата судија.