МУ СЕ СЛОШИЛО ОД ШОКОТ ДЕКА МУ ГИ НЕМА ЛЕКОВИТЕ Некој му ја зел терапијата пред нос
Навистина бев изненаден и изреволтиран, како е можно некој да ја подигне мојата терапија, без притоа да приложи лична карта и извештај од специјалист, како што и мене досега секој месец ми бараат и покрај тоа што вработените во аптеката ме познаваат затоа што често купувам и други лекови, вели 71-годишниот скопјанец.
Кога скопјанецот Б.М. месецов отишол во аптека да си ја земе редовната терапија не очекувал дека ќе му се случи шок – некој веќе ја подигнал неговата терапија! Барем така стоело во системот. Нему не можело да му се издадат лекарствата сѐ додека не истрча уште еден круг до кај матичниот лекар.
71-годишниот скопјанец се сомнева дека некој можеби сакал да ги злоупотреби неговите податоци и да подигне терапија за друг пациент. Тој прима терапија за хронична опструктивна белодробна болест (ХОББ) без која може да се доведе до животозагрозувачка состојба. За оваа терапија се издава електронски рецепт од матичен лекар, по претходно доставен извештај од специјалист за белодробни заболувања.
– Пред два дена отидов до аптеката каде што со години ги подигнувам спрејовите за мојата состојба, а кои не се на позитивната листа и за кои плус доплаќам, но од вработената ми беше речено дека рецептот е реализиран во друга аптека на 22 септември. Бев изненаден и реков дека тоа не е можно, затоа што поради ковидот и проблемите кои ги имам со дишењето, многу ретко се движам – вели овој господин.
Оттаму, тој се упатил кај неговиот матичен лекар и при проверка на електронскиот рецепт и таму било потврдено дека рецептот е издаден на 14 септември и е реализиран на 22 септември во една скопска аптека.
– Навистина бев изненаден и изреволтиран, како е можно некој да ја подигне мојата терапија, без притоа да приложи лична карта и извештај од специјалист. Како што и мене досега секој месец ми бараат и покрај тоа што вработените во аптеката ме познаваат затоа што често купувам и други лекови – вели скопјанецот.
Тој во моментот повеќе бил исплашен што ја нема неговата терапија и што не може да ја подигне зашто, како што вели, без неа не може нормално да дише и му е потребна за живот. Од шокот што го доживеал му се слошило, му се покачил притисокот и едвај се стабилизирал за да може да си отиде дома.
Според системот, следно кога имал шанса да земе лекови било средината на октомври. Но, што дотогаш? Дома им се пожалил на децата, кои веднаш почнале да вртат телефони кај матичната и по аптеките.
– Од кај матичната докторка и од аптеката каде што бев ми го кажаа името и аптеката од каде се подигнати лековите, но не знаевме каде се наоѓа. Кога се јави синот, вработените не знаеја за која аптека прашуваме, но по неколку вртења на телефон конечно ја дознавме. Бидејќи беше попладне, вработената му кажа да дојде следното утро и да разговара со шефицата – објаснува нашиот соговорник.
Синот отишол во конкретната аптека и прашал што се случило со лековите на татко му.
– Следело оправдување од шефицата дека можеби на тој датум јас сум бил да прашам дали има пуштено рецепт и затоа така покажало во системот. Ниту сум бил во таа аптека тој ден, ниту во која било друга. Откако тој се заканил дека ќе го пријави случајот доколку не најдат решение, му било речено, еве тука е рецептата, може да се реализира – ни рече Б. М.
Нашиот соговорник се сомнева дека била извршена кражба на неговите податоци, бидејќи станува збор за специфична терапија, која покрај рецептата се доплаќа уште околу 900 денари. Претпоставува дека терапијата била дадена на некој близок на вработените, а била искористена неговата рецепта, затоа што била издадена на 14-ти и неколку дена не била реализирана.
Злоупотребата на личните податоци кај нас се смета за кривично дело, па поради тоа побаравме од надлежните институции што можат да сторат граѓаните доколку се најдат во ваква или слична ситуација, но оттаму не одговорија.
Од Фондот за здравствено осигурување ни посочија дека тие вршат контроли на работата на аптеките, но дека во делот на злоупотреба на личните податоци надлежна е друга институција.
– Доколку имало таков вид на злоупотреба од вработени во аптека, како што посочувате, тогаш случајот треба да се пријави во МВР – ни одговорија од Фондот.