МРТВА ТРКА НА ИЗБОРИТЕ ВО ГЕРМАНИЈА Демохристијаните на Меркел им дишат во врат на социјалдемократите
Кој е Армин Лашет? Тоа е човекот за кој Ангела Меркел апелираше Германците да гласаат, ако сакаат земјата да остане стабилна, но тој веројатно нема да ја има таа среќа. Изедначените резултати од 25 отсто и само процент разлика од минута во минута значат дека кој и да ја направи новата влада, таа ќе биде прилично нестабилна.
Мртва трка меѓу Социјалдемократите на Олаф Шолц и Демохристијаните на Армин Лашет, односно на Ангела Меркел во заминување во Германија, јавува МИА. Иако бројките најавуваат дека Социјалдемократите можеби ќе го земат мандатот бидејќи водат помалку од 1 отсто, ќе биде тешко да се одржи новата влада, а поразот за Демохристијаните е еден од најголемите во нивната историја.
Кој е Армин Лашет? Тоа е човекот за кој Ангела Меркел апелираше Германците да гласаат, ако сакаат земјата да остане стабилна, но тој веројатно нема да ја имаа таа среќа.
– СПД има мандат да формира влада. Сакаме Олаф Шолц да биде канцелар, истакна Клингбејл по објавувањето на првите излезни анкети – вели нивниот генерален секретар, Ларс Клингбејл.
Тој додаде дека анкетите им даваат предност на социјалдемократите.
Првите анкети во Германија им даваа по 25 отсто и на едните и на другите, а трета по големина партија беа Зелените на Аналена Бербок, кои имаат околу 15 отсто од гласовите. Крајно-десната партија АфД, односно Алтернатива за Германија, партија која поддржува распаѓање на ЕУ и антимигрантски политики освоила 11 отсто.
Тесниот резултат на изборите покажува дека претстојат долги преговори за новата влада и дека е неизвесно кој ќе ја наследи канцеларката Ангела Меркел, која се повлекува од функцијата по 16 години на чело на германската влада.
Резултатот на ЦДУ очигледно ќе биде нивниот најлош во повоената историја на Германија. Таа коалиција, која беше предводена од Меркел на претходните избори, имаше најлош резултат досега по 1949 година, кога партијата освоила 31 отсто од гласовите.
Кандидатот на ЦДУ/ЦСУ за иден германски канцелар, Армин Лашет вечерва изјави дека се води тесна борба во изборната ноќ, но порача дека унионистите сакаат да ја водат новата влада.
На почетокот на своето обраќање во изборниот штаб, тој нагласи дека првпат по 16 години Ангела Меркел не се кандидирала за канцелар, па затоа тие влегле во изборната трка без „бонус“.
– Знаевме дека ќе биде тешко и дека ќе имаме тесна борба во изборната ноќ. Се уште немаме конечни резултати. Но, треба да кажеме дека не можеме да бидеме задоволни со резултатот – констатираше Лашет.
Тој истакна дека во секој случај, исходот од гласањето ја става Германија, но и ЦДУ/ЦСУ, како и сите демократски партии, пред голем предизвик, бидејќи е неопходно да се постават насоки за наредните години.
– Тоа не може да го направи само една партија, треба да ги надминеме сите поделби и да соработуваме. Првпат ќе имаме тројна влада – нагласи Лашет.