„Мозок – коалиција“

3,054

Во ранчот Бигелоу во државата Јута, со декади се случувале чудесни мутирани нешта. Дури и животни со човечка глава. Еднаш сопственикот на ранчот Терја Шерман бил нападнат од суштество со глава од волк а тело на коза. Шерман пукал во чудовиштето, но за чудо куршумите се одбивале. Бројни луѓе на тоа место виделе чудни животни кои веднаш исчезнувале. Познато е тоа како на коњот Снипо му бил изваден мозокот без никакви траги од операција. Ранчот му бил продаден на еден истражувачки институт за да ги истражува тие страшни феномени, но до ден денес нема некое логично објаснување.

Како што нема логично објаснување за тоа како ние од втора држава по развој во регионот пред 30 години, стасавме на последно место! Како што нема логично објаснување како тоа од солидно знаење стасавме до хринично незнаење! Како од просечна екологија стасавме во депонија! Како од правда со чекан, стасавме до чекан по правдата! Како тоа борбата против криминалот да ни наликува на борба против сопствената сенка, каде што криминални структури имаат сѐ освен име и презиме! И многу што друго како!? И конечно како тоа денес да се демонстрира „стабилно мнозинство“, а утре да нудиме „широка коалиција“! Но, чудно е да се чудите. Ние одамно сме навикнати да бидеме болни и не сакаме да бидеме здрави.






Гладајќи ја широката коалиција од призма на општ интерес, таа по своја природа е знак на политичка широкоградост, но проблем е што кај нас тоа се нуди само тогаш кога сме ја довеле државата до дното. Паметните Германци, веќе три мандати туркаат со широка коалиција, но тоа го праваат во полза на поважни интереси на државата. А кај нас, кога секој ден на празно се пее дека новото сонце се раѓа, а реално исчезнува и постојното, коалицијата ја нудиме за да не стасаме во тотален мрак. И потоа ќе ви треба мракот да го истерате со помош на марихуаната, која скоро да ја проглесиме за врвна стратешка економска ориентација. A имаме многу други ресурси со кои можеме да стасаме до пристојна земја за живеење. Сега земјата со природни услови за идеално земјоделие увезува речиси милјарда евра храна годишно! Тука ептен нешто ама ич не чини. А да не зборуваме за одлични природни ресурси за развој на планинскиот и руралниот туризам од кој државите со мозок реализираат милјарди евра. Но, тоа не е можно да се прави со партиска кадровска селекција на тие што прават развојна стратегија или промоторите за непостојни инвестиции.

Во принцип, не треба многу да се очекува од експертска влада која би била во скутот на безидејни и безидеални политичари. Ние подолго време докажуваме дека хронично имаме дефицит на идеал. А за да се излечиме од тоа ни треба многу долг период. Оттука експертската влада може да успее единствено ако зад неа стои силен странски ментор, кој цело време ќе треба да ја мониторира. Врвни светски експерти за инвестиции мислат дека со професионален пристап, државата за пет години може да направи голем економски скок за да го фати светскиот тренд на економски развој. Поинаку само ќе тонеме уште повеќе. „На вашата држава не и требе ни широка, а понајмалку тесна коалиција. Нејзе и треба мозок-коалиција“- вели странец акредитиран тука. Таа со децении не знае на каде треба да се движи, што треба да прави, дури не е свесна ниту за своите ресурси – вели добронамерниот странец.

Лошата политика што подолго време не следи го има сменето и нашиот ментален код, па не случајно сме навикнати да се фалиме со злото, а да го мразиме доброто. Израел има територија помала од нас, со 70 отсто пустина, а издржува над девет милиона жители со пет пати повисок стандард. Нејзиното „пустинско земјоделие“ снабдува 11 отсто од пролетниот земјоделски пазар на ЕУ. Сите земји се движат напред, дури и бројни африкански држави, а ние 30 години тапкаме во место, заробени во незнаењето и криминалот. Србија пред дваесет години беше на светското дно поради погубната политика на Милишевиќ, но сега таа е регионален лидер. Вучиќ можеме да го критикуваме за сѐ и сешто, ама никако дека нема идеал и развојна визија. Србија со големи вештини стана трета држава во светот по процентот на вакцинирање на своето население. Нејзините соседи тепаат муви. Но, важно е да земаме дебели кредити за вештачки да го задржиме рејтингот. Сѐ некако тука се врти околу електоралните потреби, а тоа уште повеќе ќе не закопува. Ќе ни избегат и тие малкумина млади што ни останаа во државата, оти гледаат дека контејнерите ни се претворени во народни кујни.

Нам може да ни помогне широка коалиција само ако исполниме многу други услови. Прво, фер избори и ресори соодветно резултатите на изборите со странско аминување и долгорочно мониторирање. Второ, прочистување на судството со помош на странци, оти ако се копа по минатото на едни судии, ќе се откријат страшни злоупотреби. Трето, апсолутен меритократски систем за прием и избор на кадри. Четврто, враќање на нелегално стекнатиот имот. И пето, а многу важно, професионална развојна стратегија дефинирана од врвни експерти. Оти развојот не се води по паметот на тие што самите немаат памет. Треба да им се каже збогум на тие луѓе кои енормно се збогатија продавајќи илузии.

Воопшто не е лесно во услови кога со деценија тука луѓето полесно создавале богови отколку Бог луѓе. Тука луѓето како третман имаат голема потреба да им се укажува дека не е добро да скокаат во празен базен. Оти долго време тука пропагандната машинерија ги навикна луѓето да се посомневаат во можното, а да веруваат во апсурдното. А за едни Господе, немој да им простиш оти знаеле што прават!

Поврзани содржини