МОЖНОСТИ ЗА МЛАДИТЕ ПРЕТПРИЕМАЧИ ВО ЦЕНТАР Лабудовиќ најави Фонд за поддршка на локалната економија

Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени.

24

Центар има огромен потенцијал – полн со креативност, младост и идеи кои чекаат да добијат шанса, изјави кандидатот за градоначалник на Општина Центар од Движењето ЗНАМ – За наша Македонија, Мирослав Лабудовиќ, претставувајќи ја својата визија за развој на локалната економија и поддршка на младите и малите бизниси.

Лабудовиќ најави формирање Фонд за поддршка на локалната економија, кој ќе обезбеди реална поддршка за сите што имаат храброст да започнат сопствена идеја и да ја претворат во успешна приказна. Преку овој фонд, младите претприемачи, занаетчии, дизајнери и уметници ќе имаат пристап до финансиски грантови, менторска помош, стручни обуки и ресурси што ќе им овозможат да го развијат својот потенцијал.






– Ќе им дадеме шанса на младите и на сите храбри луѓе што сакаат да создаваат нешто свое, токму овде, во Центар. Нашата обврска како локална власт е да им дадеме алатки, знаење и поддршка, а тие ќе го вратат тоа преку труд, креативност и нова енергија во нашата општина – истакна Лабудовиќ.

Во програмата се предвидува и модернизација на трговските улици, пазарите и занаетчиските простори со цел да се создадат подобри услови за работа и развој. Ќе се отвораат јавни зони за локални продавници, студија и ателјеа, достапни за млади иноватори и претприемачи по симболични цени. Тие простори ќе станат нови креативни точки во кои ќе се среќаваат идеите, уметноста и бизнисот, создавајќи мрежа на современи маалски центри за развој.

Лабудовиќ најави реализација на нов концепт за оживување на локалната економија преку организирање мини-саеми, креативни пазари и фестивали на локални производи, кои ќе ја вратат енергијата во срцето на градот. Овие настани ќе им овозможат на локалните производители, уметници и занаетчии да го претстават својот труд пред јавноста, да создадат нови партнерства и да ја раздвижат економијата на Центар.

– Центар мора да живее преку своите луѓе – преку занаетчиите, уметниците, малите претприемачи и младите кои веруваат дека тука можат да успеат. Ќе ја поддржиме нивната храброст, затоа што во нивните идеи се кријат идните успеси на нашата општина – порача Лабудовиќ.

Во рамки на економската стратегија ќе се развиваат и јавно-приватни партнерства со домашни компании и институции за финансирање на локални инфраструктурни и креативни проекти, како и воведување дигитална платформа за локален развој. Преку неа, граѓаните и претприемачите ќе можат да аплицираат за поддршка, да пријавуваат идеи и да следат како се реализираат општинските проекти.

 

Поврзани содржини