МОЖНО Е ВМРО-ДПМНЕ ДА ГИ ПОДДРЖИ КАНДИДАТИТЕ НА ВРЕДИ ВО ПРВИОТ КРУГ Време е ДУИ да замине во историјата, порачува Мицкоски
Премиерот Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ најави дека со ЗНАМ ќе имаат посебни листи за советници, а онаму каде што едните ќе имаат кандидат за градоначалник, другите нема да излезат со свој.
Преговорите за соработка на претстојните локални избори и со владините коалициски партнери ЗНАМ и Вреди одат во добра насока, оцени денеска премиерот Христијан Мицкоски и претседател на ВМРО-ДПМНЕ.
Тој најави дека со ЗНАМ ќе имаат посебни листи за советници, а онаму каде што едните ќе имаат кандидат за градоначалник, другите нема да излезат со свој. Мицкоски нагласи дека преговорите со ЗНАМ се водат во конструктивна насока и очекува успех.
Според него, можно е ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата уште во првиот круг да ги поддржат и кандидатите на Вреди, во некои општини, со цел да биде поразена ДУИ и да замине во историјата.
– Силно веруваме дека политичката партија која што повеќе од 20 години остави споменици и не направи ништо за цела Македонија, на која примарно ѝ беше да издаваат лиценци за марихуана, да отвораат казина, да купуваат трговски центри, скапи дуќани во центар на град, да формираат инстант фирми коишто добиваат државни тендери, да играат фудбалчиња по канцеларии, плукајќи му така на народот, треба да биде поразена на овие избори и конечно да замине во историјата на македонската политичка сцена – рече Мицкоски.