МОЖНО Е ТРАМП ДА ИМ СЕ ПРИКЛУЧИ НА ПУТИН И НА ЗЕЛЕНСКИ НА ПРЕГОВОРИТЕ ВО ТУРЦИЈА Ќе почне ли крајот на војната со посредство на Трамп и на Ердоган?
Досега само украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција, додека рускиот претседател Владимир Путин сè уште не го потврди своето учество.
Американскиот претседател Доналд Трамп навести дека би можел да се приклучи на евентуалната средба меѓу рускиот и украинскиот претседател, која е закажана за четврток во Турција, со посредство на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.
Трамп рече дека верува оти состанокот има потенцијал да донесе резултати, но дека сè уште не знае дали ќе патува лично.
– Не го потценувајте четвртокот во Турција. Претседателот Ердоган е одличен домаќин. Со него работиме и на прашањето за Сирија… Мислам дека би можеле да имате добар состанок, постои потенцијал за добар состанок. Средбата не требаше да се одржи, а јас инсистирав да се случи… Можеби ќе добиеме добар резултат од тој четврток во Турција. Верувам дека двајцата лидери ќе бидат таму. Размислував да летам. Не знам каде ќе бидам во четврток, имам толку многу состаноци. Но, постои можност, претпоставувам, ако мислам дека нешто може да се случи – рече Трамп.
Од Белата куќа засега нема официјална потврда за неговото патување во Истанбул.
Досега само украинскиот претседател Володимир Зеленски го потврди своето пристигнување во Турција, додека рускиот претседател Владимир Путин сè уште не го потврди своето учество.
Кремљ денеска порача дека е фокусиран на „сериозна потрага по долгорочно мирно решение“ во војната против Украина.
– Сериозно бараме начини да постигнеме долгорочно мирно решение – рече портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, не наведувајќи кои конкретни чекори Русија е подготвена да ги преземе.
Песков не го коментираше повикот на Зеленски за средба со Путин в четврток во Турција, што украинскиот претседател претходно го упати.