Можна ли е Трета светска војна?

Војната во Украина отвори нова страница во историјата на светот. Пресвртот воопшто не е случаен. Сериозните промени започнаа со распадот на СССР кога, набргу, се покажа дека постоењето на една суперсила, за никого не е добро решение. Дури ниту за САД. Така е бидејќи неконтролираната моќ е секогаш опасен предизвик. Тоа се докажа со американските агресии во Ирак, Авганистан, Либија, Сирија …

1,007

Не, со голема сигурност може да се тврди дека трета светска војна – нема да има. Барем, во догледна иднина. Иако може да изгледа апсурдно, најголема гаранција за тоа се огромните резерви на нуклеарно оружје. Сите се свесни дека поголем глобален судир неизбежно ќе добие нуклеарни размери и затоа никој, апсолутно никој, нема да се осмели да оди во таа насока. Но, да не се радуваме непотребно. Во периодот пред нас, нема да има ниту мир. Се врати период на студена војна којашто, и покрај глобалното затоплување, ќе биде поладна и од северниот пол.

Војната во Украина отвори нова страница во историјата на светот. Пресвртот воопшто не е случаен. Сериозните промени започнаа со распадот на СССР кога, набргу, се покажа дека постоењето на една суперсила, за никого не е добро решение. Дури ниту за САД. Така е бидејќи неконтролираната моќ е секогаш опасен предизвик. Тоа се докажа со американските агресии во Ирак, Авганистан, Либија, Сирија …






Распадот на СССР беше позитивен меѓународен настан. Откако перестројката на Горбачов не донесе суштински промени, изборот беше тежок. Системот, којшто не беше способен да му обезбеди на народот ниту пилешко месо, мораше длабински да се менува. Со долгите години на погубно владеење, сите „социјалистички“ земји се доведоа во целосен ќорсокак. На Запад беше тешко да се продаде, на Исток да се произведе. Тоа кажува сè.

Ако советскиот социјализам, или комунизам, сеедно, не пропаднеше, откако се покажа дека не е спремен ниту да се реформира, тој неизбежно ќе стремеше кон директна конфронтација со успешните западни држави. Да се види кој е посилен, а не кој е подобар.

Крајот на студената војна, по распадот на Советскиот Сојуз, доведе до непотребна еуфорија, која набргу се покажа погрешна. Замислите дека завршува историјата (Фукујама) излегоа – смешни. Како и секогаш, слабоста на противникот тера на негово потценување и преамбициозност. Токму тоа се случи. Главна американска политичка цел стана изолацијата на Русија, што и не се крие. Тоа се случува одамна, а не само по војната во Украина.

Нема да одиме во детали, ама е факт дека Русија, особено во времето на Елцин, ама и на почетокот на Путин, покажуваше спремност за најширока соработка и со САД, и со Европа (ЕЕЗ), вклучувајќи и во безбедноста. Имаше и конкретни иницијативи, коишто Западот ги игнорираше. Рускиот интерес беше грубо одбиен. Во средината на 1990-те, на конференција во Лондон, МНР на Русија, Козирев, дури непријатно им се додворуваше на западните колеги, коишто не го забележуваа.

Во САД, сè уште доминира антируската филозофија на Збигњев Бжежински, советник за национална безбедност на претседателот Џими Картер, од крајот на 1970-тите години. Неговите оценки дека сибирската мечка треба по секоја цена да се уништи, се основа на политиките на најважните американски тинк – тенкови.

Се знае дека Џејмс Бејкер, американски државен секретар од 1989 до 1992, на Горбачов, директно и јасно му ветил дека ако Русија дозволи обединување на Германија, НАТО нема ниту за милиметар да се шири на исток. Ноам Чомски, пак, тврди дека тоа отворено го ветил и тогашниот претседател, Џорџ Буш, постариот. Сите знаеме што се случи потоа. Русија беше слаба, пред банкрот, и НАТО максимално се доближи до нејзините граници. Но, тука не завршија и американските амбиции, иако Русија јасно стави до знаење дека тоа повеќе нема да го толерира. Прво настрада Грузија која, заради глупоста на претседателот Саакашвили, ги загуби Абхазија и Јужна Осетија. Тоа, меѓутоа, не беше поука за Украина, уште помалку за САД

Американските амбиции да станат главен фактор во Украина, експлодираа со државен удар, организиран со нивна отворена помош. Го сменија легално избраниот претседател, Јанукович, и на власт доведоа свои вазали. Како последица, Киев го загуби Крим којшто, во 1950-тите години, тогашниот советски лидер, Хрушчов, од руска, го префрли под украинска јурисдикција, ама во рамките на истата држава.

Познато е дека руската црноморска флота е стационирана на Крим. Затоа, Москва не можеше да си дозволи да го загуби полуостровот. Тогаш, Путин изјави – Американците се секогаш добро дојдени да ја посетат нашата флота на Крим, ама ние нема никогаш да дозволиме да одиме таму, за да го посетиме НАТО. Доволно јасно, зарем не?

Анексијата на Крим, во 2014, е коренот на новиот период на светската историја. Германија, Франција, Русија и Украина потпишаа два договори во Минск, Белорусија, со коишто требаше да се постигне траен мир и Украина да остане цела. Цената требаше да биде одредена автономија за нејзините источни делови, Домбас и Доњецк, во коишто живеат главно Руси. Киев ги игнорираше договорите и ништо не спроведе.

Во февруари 2022 година, следуваше руска интервенција во Украина. Набргу потоа, поранешната германска канцеларка, Меркел, ги откри вистинските западни (американски) намери. Објасни дека минските договори беа само маска, за Украина да може да се подготви за војна со Русија! Тоа го потврди и шефот на НАТО, Столтенберг. Се објавија и податоци дека, во меѓувреме, Киев добил огромни количини оружје, а голем број украински војници биле на воен тренинг во земјите на НАТО. Очигледно, интересот на Запад не бил мир во Украина туку, напротив, војна, заради изолација и уништување на Русија. Сето ова потврдува дека Москва немаше избор и мораше да ги брани сопствените долгорочни стратегиски интереси.

Пред интервенцијата, масовно се лицитираше со членството на Украина во НАТО. Тоа отвораше можности за поставување на негови ракети на границата со Русија. На сите, а особено во Вашингтон, им беше сосема јасно дека Москва нема никогаш да прифати членство на Киев во алијансата. Повторно, оваа ситуација најдобро ја опиша Ноам Чомски. Во случај Мексико да сака да влезе во некаков безбедносен сојуз со Кина, рече, САД ќе го збришат од земјата. Ако тоа правило важи за Вашингтон, зошто да не важи и за други?

Што и да се следува, војната во Украина долго ќе трае. Најверојатно, ќе премине во замрзнат конфликт. Деновиве (мај, 2023), легендарниот Кисинџер, изјави дека Кина ќе се обиде да помогне да дојде до мир во Украина и дека до крајот на годинава тоа може да се постигне. Сепак, и да прекинат непријателствата, трајно решение не е можно.

Ова е само почеток на сериозни промени на меѓународната сцена. Да се надеваме дека тие ќе водат кон поправеден поредок, каде богатите нема да се богатат, а сиромашните да сиромашат. Таквите промени ќе бараат доста време, голема посветеност и, клучно – вистински водачи. Засега – не чека период на неизвесност. Било какви посериозни реформи на светско ниво, ќе се соочуваат со огромни проблеми, опструкции, та дури и војни, за тоа да се спречи. Од власта и доминацијата, никој не се откажува доброволно.

Порано или подоцна, сегашната структура на светската сила и моќ ќе (мора да) биде преиспитана. Затоа е загрижена единствената суперсила која, според народната мудрост, смета дека поарно е нештата да се спречат, отколку лекуваат. Тука се кријат опасностите. Промените, кои ги најавуваше Обама, пред првиот избор за претседател, создавајќи големи надежи на најширок план, испаднаа лажни. Се покажа дека рамките на високата политика се нешто што е тешко променливо. Политиката на сила продолжува да доминира, а ние сме директни сведоци: Македонија е конкретна жртва.

Во оваа прилика, нема подетално да ја спомнуваме нашата Македонија, бидејќи тука нема политичари, камоли државници, коишто би можеле да ги согледаат домашните катастрофални движења. За глобалните, пак, и да не помислуваме.

Заклучокот се наметнува сам по себе: тенденциите коишто доминираат на светската сцена се повеќе од загрижувачки. Светот оди прудолу. Крајно погрешна е намерата Русија да се тргне од Европа и да се турне кон Азија. И Москва не го сака тоа. Русите се класичен дел од стариот континент. Ниту Европа може да биде просперитетна и безбедна без Русија, особено ако е таа насилно отфрлена. Тоа апсолутно не е европски интерес. Затоа, од секој аспект, целосно е погрешна американската политика за изолација, или уништување на Русија. Јасно е дека, со истите намери, следната мета ќе биде – Кина. Токму од тие причини, и Пекинг е многу внимателен во однос на војната во Украина и затоа се обидува да се најде решение. Тоа е нивни, ама и наш стратегиски интерес.

Војната во Украина, отвора нова ера во развојот на светот и ништо веќе нема да биде како што беше. Унијата, воопшто не е дорасната на предизвиците со коишто се соочува Европа. Во Брисел, единствено е јасно дека проширувања уште долго нема да има.

Поврзани содржини