„МОЖЕШ ЈАЈЦА ДА СПРЖИШ“ Откако се изгорел, скопјанец ги тапацира клупите на автобуските постојки (ФОТО)
Со оваа идеја се здобив пред некој ден кога сакав да седнам на таа клупа и веднаш рипнав како попарен, добро би служела летно време за јајце на око, а во зима исто така е неупотреблива затоа што ќе се залепиш на челикот, вели Ангел.
Скопјани, барем оние кои го користат јавниот градски превоз, знаат дека седнувањето на клупите поставени на постојките на ЈСП, особено во температурите во градот се премногу високи, не е баш премногу добра идеја.
Своето искуство за тоа на Фејсбук групата „Стари скопјани“ ја пренесе Ангел Јаневски, кој пред некое време имал непријатно искуство со вжарените клупи, а поради тоа тој доби идеја на две од нив да направи наклупи со цел граѓаните да можат на раат да седнат додека го чекаат автобус.
– За мојот град, вчера направив две надклупи и не ме трпеше место, денес една поставив на автобуската постојка спроти споменикот на Јане Сандански (42 и 13). Со оваа идеја се здобив пред некој ден кога сакав да седнам на таа клупа и веднаш рипнав како попарен, добро би служела летно време за јајце на око, а во зима исто така е неупотреблива затоа што ќе се залепиш на челикот. Се гледа дека е премачкана на корозивна површина и затоа е во ваква состојба по некоја година. А и не ме чинеше многу потребниот материјал. Парче иверка од 16 мм, мебел-штоф мазен, сунѓер 20 мм, муниција за тапетирање и неколку завртки за дрво за зацврстување – вели Ангел во својата објава на Фејсбук.
Тој вели дека не знае колку време ќе е во употреба оваа надклупа и вели дека очекува да добие пријава за ова.