МОЖЕМЕ ДА РАЗГОВАРАМЕ, АМА НУКЛЕАРКАТА НЕ НИ ЈА ЧЕПКАЈТЕ Ким Јонг Ун ги постави условите за состанок со САД
Севернокорејскиот лидер истакна дека неговата земја никогаш нема да се откаже од своето нуклеарно оружје и дека нема да биде под притисок од санкции.
Севернокорејскиот лидер Ким Јонг Ун сигнализираше дека, во принцип, е подготвен да одржи разговори со владата на САД, но само ако Вашингтон престане да бара нуклеарно разоружување на Пјонгјанг, јавија денеска државните медиуми.
– Ако САД се откажат од апсурдната опсесија да нè денуклеаризираат … и сакаат вистинска мирољубива коегзистенција, нема причина да не седнеме со САД – рече Ким во говор во парламентот, пренесе ДПА.
Ким нагласи дека има „убави спомени“ од американскиот претседател Доналд Трамп, пренесе државната новинска агенција KCNA.
Севернокорејскиот лидер истакна дека неговата земја никогаш нема да се откаже од своето нуклеарно оружје и дека нема да биде под притисок од санкции.
– Светот веќе добро знае што прават САД откако ќе принудат една земја да се откаже од своето нуклеарно оружје и да се разоружа – рече тој.
За време на неговиот прв мандат, Трамп водеше неконвенционална политика кон Северна Кореја и се сретна со Ким неколку пати, со цел да обезбеди нуклеарно разоружување на Пјонгјанг.
Во август, Трамп ја истакна својата „многу добра“ врска со Ким, изразувајќи интерес за уште една средба со него.
Засега, американската влада се држи до својата цел за целосно нуклеарно разоружување на Северна Кореја.
Пјонгјанг продолжува да спроведува редовни ракетни тестирања и да ја унапредува својата нуклеарна програма, заложба што Ким Џонг Ун ја одржува и покрај тековните меѓународни санкции против земјата.