Може ама и не може да влезете во Грција со тест за антитела

Сите македонските државјани кои се обиделе да влезат во Грција со тест со кој се потврдува присуство на антитела по прележан ковид-19, биле вратени од граничните власти на преминот „Евзони“.

3,397

Покрај тоа што беше најавено, засега Македонците кои имаат прележано ковид-19, сè уште не можат да влезат во Грција со тест за антитела, туку исклучиво тоа може да го направат со негативен ПЦР тест (не постар од 72 часа) и потврда за вакцинација 14 дена по примањето на втората доза.

Сите македонските државјани кои се обиделе да влезат во Грција со тест со кој се потврдува присуство на антитела по прележан ковид-19, биле вратени од граничните власти на преминот „Евзони“.






Ова за Плусинфо го потврдија од нашето Министерство за внатрешни работи.

– Не е дозволен влез на македонски државјани во Република Грција со тест за антитела. Влез е дозволен само со негативен ПЦР тест не постар од 72 часа и со потврда за целосна вакцинација – ни рекоа од МВР.

Ваквата ситуација е навистина хаотична, поради тоа што според грчкото МНР во земјата може да се влезе и со потврда за прележан ковид-19 или да се покаже резултат од позитивна дијагноза со ПЦР или антиген тест, што е валиден од два до девет месеци од датумот на заболување наведен во документот.

Истата одлука ја има и на интернет страната на македонското МНР за тоа на кој начин е дозволен влез кај нашиот јужен сосед.

– Алтернативно, патниците можат да остварат влез и со потврди дека прележале ковид-19, дијагностициран со позитивен ПЦР-тест или потврда за присуство на антигени со важност од 2 до 9 месеци од датумот на дијагностицирањето на болеста. Потврдата треба да е издадена од јавна установа или од сертифицирани јавни или приватни лаборатории согласно националното законодавство на земјата на пристигнување, на англиски, француски, германски, италијански, шпански или руски јазик – се вели во објавата на МНР.

Уште кога соседна Грција ја донесе одлуката за влез на државјани од трети земји со тест за антитела, која е на сила до 24 мај, од Министерството за здравство се обидовме да дознаeме каде македонските граѓани може да направат вакви тестови.

– Македонските граѓани може да патуваат во Грција со потврда дека прележале ковид-19, дијагностициран со ПЦР тест или потврда за присуство на антитела со важност од 2 до 9 месеци од датумот на потврдениот позитивен тест. Потврдата е потребно да биде издадена од јавна установа или сертифицирана јавна или приватна лабораторија. 20 лаборатории се сертифицирани во нашата држава и е потребно потврдата да е издадена од една од нив. Истото важи и за деца над 5 години – ни одговорија од Здравство.

Нашите извори од соседна Грција велат дека влезот на лица од трети земји со антиген тест создава конфузија кај сите оние кои сакаат да пристигнат во земјата.

– Претпоставувам дека станува збор за некоја преодна фаза и уште се договараат. Останува да почекаме до 24 мај, кога ќе биде донесена новата одлука, иако моето искуство кажува дека би требало да биде истата. Сепак, надеж за целосна нормализација очекувам од 1 јуни кога ќе почне да се користи европскиот „грин пас“ – вели нашиот извор.

Дури и при пополнување на специјалниот образец (ПФЛ) кој мора да биде пополнет 24 часа пред влезот во Грција, во одговорот со каков документ за ковид-19 влегуваат во Грција, засега има само две опции: завршена вакцинација и негативен ПЦР тест направен не повеќе од 72 часа пред патувањето, додека за оние кои прележале ковид-19, таа можност сѐ уште не е вклучена во системот.

Во моментов за влез во Грција задолжителни се два документа, едниот е специјален образец (ПФЛ) со лични податоци, адреса и траење на престојот во земјата, што се пополнува на специјален сајт до еден ден пред патувањето, а вториот документ е поврзан со ковид-19 што докажува или вакцинација или негативен ПЦР тест или прележана болест.

Граничниот премин Евзони (Богородица) е отворен од 7 до 23 часот по грчко време, односно од 6 до 22 часот по македонско.

Оваа одлука на владата на Грција е со важност до 24 мај, при што се очекува донесување на нова, за која останува да видиме дали ќе внесе промени за влезот на лица од трети земји кај нашиот јужен сосед.

Поврзани содржини