АРСОВСКА И ПРИВАТНИТЕ ПРЕВОЗНИЦИ ВО ЌОРСОКАК Може ли Скопје да издржи без приватниот превоз?
На денешната средба со претставници на приватните превозници не е постигнат договор за начинот на плаќање на долгот.
Дали приватните превозници ќе продолжат да возат на линиите договорени со Град Скопје или Градот ќе се обиде јавниот превоз да го организира само преку ЈСП и ќе ги раскине договорите со приватните превозници?
Прашањето се наметна откако денеска не е постигнат никаков договор за плаќање на долгот на средбата на приватните превозници со претставници на Град Скопје. Средбата се случи откако и вториот приватен превозник „Слобода превоз“ одлучи да не ги пушти автобусите на договорените линии со образложение дека поради долгот на ЈСП кон нив нема пари да набавува нафта за нормално работење. Претходно и превозникот „Макексперс“ поради истите причини престана да сообраќа во Скопје, по што Градот му го раскина договорот, а не го исплати ниту долгот кон приватниот превозник.
Познавачите на состојбите велат дека без приватните превозници јавниот превоз во Скопје тешко ќе може да се реализира, без да има хаос, застои и турканици.
– На ЈСП ќе му требат дополнителен број автобуси, веројатно уште околу 200, за да може да ги одржува сите линии. Според тоа, нема шанси со сегашниот број автобуси ЈСП сам да одговори на задачата, бидејќи во секое време треба да одговори на задачата. Тоа подразбира да ги има потребните автобуси во шпицовите, а тоа нема да го има со сегашниот број возила со кои располага. Тоа ќе биде голем проблем за градот бидејќи ќе има секојдневни реакции од граѓаните и турканици во шпицовите. Не знам кои се причините зошто не се намируваат обврските кон приватните превозници, но може да се сведе на две работи. Едната е дека нема пари за намирување на долгот и втората дека приватните превозници не ги исполниле своите обврски од договорот. Кој и да е, претстаува проблем за јавниот превоз во Скопје – вели поранешниот директор на ЈСП Игор Јанушев.
Според него, ако сите ги почитуваат договорените обврски нема да има вакви проблеми.
– ЈСП треба редовно да ги исплаќа договорените износи, а приватните превозници да не фактурираат нешто што не сработеле. Ние поставивме систем кој може да го следи целиот сообраќај и доколку се користи нема да има обвинувања ниту од една страна – додава Јанушев.
Двата приватни превозника тврдат дека ЈСП односно Град Скопје им должи близу 2 милиони евра за реализираниот превоз и не го почитува договорот за авансно плаќање на договорената сума пресметана по изминат километар. Тоа, тврдат тие, ги довело во ситуација да не можат да исплатат плати на вработените и да обезбедат гориво за нормално работење.
Претставници на двете компании денеска имаат одделни средби со претставници на Градот. Ленин Јовановски од „Слобода превоз“ по состанокот изјави дека нема никаков договор за начинот на исплата на долгот и најверојатно ќе се чека новиот буџет на Градот за да се реши проблемот.
– Ништо не се договоривме. Само се информиравме за состојбата, а од Градот не ветија ништо. Мој заклучок е дека ќе се чека следниот буџет па нешто да почне да се реализира. Ние имаме неплатен долг и очекуваме да се намири. Градот ни должи над 1,36 милиони евра, што е голема сума и нема објаснување зошто ЈСП не ги плаќа парите иако само од ученичките слободни карти има сигурна наплата од државата. Не ни беше кажано и зошто воопшто се доцни со наплатата и како се планира да се реши проблемот. Ние не фактурираме нешто што не сме го изработиле и нема причина градот и ЈСП да не го завршат својот дел. Досега нема ниту забелешки на нашето работење и затоа е чудно зошто и покрај тоа што се наплаќаат пари од билети нема пари за нас, приватните превозници – изјави Јовановски за Плусинфо.
Тој додава дека дополнително денеска превозниците ќе се состанат и ќе решат како ќе реагираат понатаму.
Милорад Димитриевски од „Макекспрес“ пред средбата изјави дека очекува објаснување за две прашања поврзани со работењето на овој превозник.
– Имаме две прашања за кои ќе разговараме – начин на исплата на долгот и за раскинатиот договор. Од тоа што ќе се договориме ќе зависи дали ќе продолжиме да возиме низ градот – вели Димитриевски.
Тој додава дека ЈСП на „Макекспрес“ му должи 500.000 евра.
Од Градот, пак, не коментираат за долгот на ЈСП кон превозниците, туку главно се фокусираат кон обврските кои приватните превозници ги презеле со договорот, а не ги исполнуваат. Оттаму, соопштија дека линиите денеска ги одржува ЈСП со свои автобуси и дека моментално се врши процена на работењето на приватните превозници согласно индикаторите за квалитет на работењето (редовност, хигиена, валидација на билети).
Една од причините за раскинување на договорот со „Макекспрес“ беше токму непочитување на договорот за обнова на возниот парк и нереализирањето на договорените линии.
Молчи и ЈСП од каде што нема одговор за причините поради кои нема пари за приватните превозници иако во касата на претпријатието се слеваат пари од билетите. Инаку, ЈСП со години има финансиски проблеми но до пред некое време редовно ги намируваше обврските кон јавните превозници. Градот пред еден месец му одобри 2 милиони евра со цел да се намират платите на вработените кои штрајкуваа, но дел од парите веројатно требаше да се искористат и за намалување на долгот кон приватните превозници.
Претседателот на Советот на Градот Трајко Славески вели дека Советот нема ингеренции за приватните превозници, но може да реагира ако има потреба да се помогне ЈСП. Досега нема добиено никаква информација дека претпријатието е во финансиски проблеми.
– Доколку градоначалничката Данела Арсовска достави некаков предлог за разрешување на финансиските проблеми на ЈСП, Советот секако ќе расправа за него. Но ние немаме ингеренции за решавање на проблемот на приватните превозници. Советот пред еден месец донесе одлука за префрлање на 2 милиони евра на ЈСП кога протестираа вработените бидејќи не добиле плата и тие пари се доволни за 3 плати на вработените. Зошто ЈСП не ги плаќа редовно парите на приватните превозници ние не сме информирани – вели Славески.
Превозниците на почетокот на годината потпишаа нов договор со градоначалничката Арсовска со рок на важење од 2 години со кој треба да одржуваат одреден пакет линии за кои добија и дозволи за линиски превоз на патници во град Скопје. Обврска на Градот е преку ЈСП да им исплаќа пари за реализиран сообраќај по километар.
Приватните превозници беа вклучени во јавниот градски превоз, официјално со потпишување договор во времето кога Коце Трајановски беше градоначалник на Скопје.