Може ли на Брисел да му се верува?

Mразот во Брисел како да почнува да се топи, дрскоста и безобразлукот на еу како да омекнува, а говорот на аргументите, правото и правдата како да го наоѓа патот до ушите на Европа. За само четири месеци!

1,371

Од 22 јуни оваа година, кога и формално беше избрана оваа Влада, до посетата на „тетка Урсула“ на 24 октомври, изминаа полни 4 месеци – месеци на разулавен јавен линч од страна на разрешените контрабанди на сѐ што барем малку заличуваше на поместување на државата од катастрофалната мртва точка на неизмерна глупост, неукост и неспособност во процесот на евроинтеграциите. Двоецот без кормилар викан сдсм-дуи (малите букви се… знаете веќе што!) ги извози сите можни патеки во државава освен потребните, упропасти сѐ што допре и украде дури и повеќе од можното, па кога ја доби онаа звучна шлаканица на изборите се сврте кон отворена деструкција и нихилистичко минимизирање на сите напори за нови решенија.

Партиските врхушки и веќе познатата нивна „интелектуална“ клиентела веднаш отворија фронтови за подривање на сите поинакви политики и насоки за решавање на проблемите што ги оставија во наследство, почнувајќи од налудничавото „уставобранителство“ низ воскликот „да живее Северна“, преку воодушевувањето од бугарските протоколи и „француската рамка“ како некакви локални Мојсиеви закони, па до мајтапењето со неприфаќањето на понижувачките диктати од источниот сосед итн. Сѐ што правеа другите на планот на опструкциите на евроинтегративниот – и не само тој – процес на државата за нив беше во ред, сѐ што се правеше во земјата за почетна консолидација на нештата беше дочекувано со потсмев, на нож, а на јавноста ѝ се сервираа(т) застрашувачки сценарија, изолација, влечење уши и слични будалаштини.






Па се дојде дотаму секакви пискарала да бараат некакви гаранции од власта, а оние „пописмените“ да тврдат дека „кога се би било според правото и правдата во односите меѓу државите (…) и ’баба ми би можела’ да води држава“! А никој не сакаше да му го расипе денот и да го потсети дека токму нашите баби и дедовци, или татковци и мајки, ја создадоа оваа држава и ја водеа додека не се појавија такви неспособни тутмаци. И ја направија и ја водеа во многу посложени времиња и „геополитички“ услови од овие денес. Додека не дојде онаа негова неспособна сељачана која може само да продава чушки и френки по пазарите во регионот. И патем да ја распродава и државата! Ако мислел на тие баби и дедовци, тогаш е во право!

И сега, да се вратам на посетата на „тетка Урсула“ на 24 октомври: мразот во Брисел како да почнува да се топи, дрскоста и безобразлукот на еу како да омекнува, а говорот на аргументите, правото и правдата како да го наоѓа патот до ушите на Европа. За само четири месеци!

И тоа, нормално, ја полудува овдешната булумента што наводно глуми опозиција зашто уште еднаш, по којзнае кој пат, ја разоткрива целата нејзина епохална неспособност во изминатите седум години. И не знам зошто не се навратат малку на сите оние ступидни изјави за евроинтегративниот процес, за неменливоста на истиот, за неприкосновеноста на уставниот услов… За нив сѐ беше невозможно и неизводливо. Освен корупцијата и криминалот дома, се разбира.

И затоа, сега, повторно бес и тиради за секакви криминалци и нивно „пуштање на слобода“ (небаре тие помилуваа само бескомпромисно чисти ајдуци!), за „рапидна партизација на институциите“ (божем тие во истите институции вработуваа само независни експерти!), за зависност од увоз на струјата (како тоа оваа власт да го измисли!) и секакви други будалаштини коишто само ја дооткриваат нивната злоба и злонамерност. Се разбира, врв на безобразието е обвинувањето за некакво „евидентно и резолутно демократско назадување“, божем оние нивни хибридни слепци беа шампиони во демократскиот развој! На пример оној Заев, па Ковачевски…, па сега и оној Филипче со неговиот „демократски“ начин на избор на чело на сектата! Но, како што велат, кој губи – а овие се континуирано загубени во нивната глупост – има право да се лути.

Но проблемот со оваа и ваква „опозиција“ е што, без оглед на нејзината неукост и политикантство со универзитетски печат, сепак, таа сѐ уште не е за потценување. Нивната „интелектуална“ клиентела, зависна (сосе семејствата им) од неопходната властодржечка позиција, има силни упоришта во медиумите. И националните и приватните, особено во електронските. Тоа се релации што ќе потраат додека има пари. А пари (ќе) има, особено од некои странски извори, меѓу нив и од буџетите на некои од нашите „стратешки“ партнери. За кои и чии интереси? И тоа ќе се види, кога-тогаш.

Сакам да кажам: тие ќе прават сѐ што е во нивна моќ да ги минираат започнатите процеси на одмрзнување на преговорите со еу со цел да имаат за што да кокодакаат. Ќе се здружат и со најцрниот ѓавол против земјата, само таа да не тргне во нормална насока. Допрва ќе се конструираат непринципиелни коалиции, ќе се фрла прав в очи на сите кои поинаку мислат, ќе се измислуваат секакви карго теории за фактите, силата и неправдата и ќе се градат нови култови од безлични персони.

Иако, се разбира, и во времето на нивната најголема моќ, немоќта на нивните сиви ќелии ги дефинираше вдолж и попреку како најнеспособна, најкорумпирана и најлоповска власт во современа Македонија. Меѓутоа, не смеат да се занемарат нивните сѐ уште активни релации со одредени центри на моќ во еу, па и во Европа. Онаа Европа и онаа еу кои заради истата неспособност на центарот и (квази)левицата континуирано ги губи симпатиите. Но и изборите, секаде!

Од друга страна, колку и да изгледа дека некои „брисељачки“ празни глави започнуваат да разбираат за што всушност овде станува збор, деценискиот – да не речам вековниот – студ што доаѓал од тој северен простор кон нас не се стоплува преку ноќ. Временото разведрување во нивните сиви ќелии умее и да залаже, да не речам излаже. Па ве молам, љубимиот им Бајрон, и не само тој, ја опеал „колевката на Антиката“. И каде сѐ не ги шетаа разноразните Карингтоновци, Нимици, Макрони и останатата политикантска братија!? А за „источниот коридор“ да не правиме муабет. Само што Брисел нема поим што сѐ и какви уцени можат таму да им се случат. А професорскиве „опозициски“ селанчиња на тоа и се надеваат!

Оттука, останува да се види дали настојчивиот дипломатски притисок во изминативе четири месеци така бргу вродил плод. Зашто, во оваа и ваква еу ништо не се придвижува така ненадејно. Напротив, тие и назадувањето го сметаат за движење. Впрочем, лицемерниот „гаф“ на „тетка Урсула“ со одбивањето да се сретне со српскиот премиер бидејќи тој претходно имал состанок со некој руски министер е – приказна за себе! Попрво личи на виц, или на шега, ама не е. Но речито говори за хаосот во главите на Брисел и Вашингтон и нивната подготвеност на секакви глупости коишто другите можат скапо да ги чинат!

Поврзани содржини