МОЖЕ ЛИ ЛЕВИЦА ДА ГО „ОСАКАТИ“ СДСМ? Почна ловот на гласовите на разочараните социјалдемократи

Процесите на изумирање на социјалдемократските партии не е изолирана појава, типична само за Грција, туку таквите тенденции се случуваат на глобално ниво. Во 2000 година, социјалдемократските партии беа дел од влада во 10 од 15 земји-членки на Европската Унија. За споредба, од 2018 година, социјалдемократите се владејачка гарнитура во само две држави и се дел од владина коалиција во само 7 од 28 земји-членки на ЕУ, вели Мојсоска.

13,253

Социјалдемократскиот сојуз на Македонија (СДСМ) покажува знаци на голема внатрепартиска криза по загубените локални избори во земјава, особено по најавената оставка на лидерот Зоран Заев.

СДСМ и претходно бил во слична ситуација, но сега се наметнува прашањето кое подолго време „виси во воздухот“, а тоа е дали македонската социјалдемократска партија би можела да ја доживее истата судбина како и ПАСОК во Грција.






Во времето на последното владеење на ПАСОК, во Грција „еруптираше“ глобалната економска криза, која најстрашно се одрази токму кај на нашиот сосед, што предизвика на власт прв пат да се искачи левичарската партија Сириза. Левичарската партија предводена од Алексис Ципрас, успеа да го пронајде вистинскиот модел кој Грција постепено ќе ја избавува од доспеаните долгови кон странство, но притоа не беа занемарени и социјалните програми во земјата, како и растот на економијата. Крајниот резултат на тоа е целосен колапс на ПАСОК, партија која е речиси потполно маргинализирана на изборите.

Слично се случи и во Бугарија, каде тамошната Социјалистичка партија веќе неколку изборни круга поминува многу лошо на изборите и во моментов е на пето место според изборониот резултат. Во Шпанија се појави левичарската опција ПОДЕМОС, која привлече голем број од гласачите на своја страна. Во Италија има еден куп на т.н. анти-естаблишментски парти од лево и од десно, додека во Франција во втор палн сè повеќе паѓа и некогаш моќната Социјалистичка партија.

Тезата дека истото може да го снајде и СДСМ, кај нас најмногу ја застапуваат претставниците на Левица, чија партиска идеологија се наметнува како замена за вредностите што ги застапува социјалдемократијата.

– Терминот „пасокизација“ започнува да се наметнува во светските медиуми во 2012 година и се однесува на целосниот крах на грчката социјалдемократска партија ПАСОК, која до тој момент беше една од двете најголеми грчки политички опции. После масовните протести во Грција, кои настана за време на финансиската криза во 2009 година, ПАСОК доаѓа на власт, како партија лево од центарот. Поради нејзината тотална послушност кон меѓународната заедница и спроведување на острите мерки за штедење, без да се земат во предвид државните интереси, поддршката за политиките на ПАСОК во периодот од 2009 година до 2015 година паѓа од 49% на фрапантни 8% – изјави за Плусинфо, Јована Мојсовска од Левица.

Таа смета дека социјалдемократијата веќе подлго време изумира како идеја и дека тоа е глобален процес.

– Процесите на изумирање на социјалдемократските партии не е изолирана појава, типична само за Грција, туку таквите тенденции се случуваат на глобално ниво. Во 2000 година, социјалдемократските партии беа дел од влада во 10 од 15 земји-членки на Европската Унија. За споредба, од 2018 година, социјалдемократите се владејачка гарнитура во само две држави и се дел од владина коалиција во само 7 од 28 земји-членки на ЕУ. Колапсот на социјалдемократијата може да се објасни во нивната неолиберална политика, каде под флоскулите за социјална правда, без таргетирање на кореност на економската нееднаквост – претставуваат продолжена рака на крупниот капитал. Ваквото нивно позиционирање доаѓа експлицитно до израз за време на економска криза, на што сме сведоци и во Македонија, каде СДСМ комплетно потфрли во справувањето со ковид-кризата. Нивната главна визија беше инјектирање огромни финансиски средства во крупните претпријатија пред сè, од кои дел остварија енормни профити за време на кризата. Наместо преземање со управувањето на приватните болници од страна на државата, што беше случај во дел од европските држави, власта дозволи, за време на криза, приватното здравство да заработи милионски профит врз грбот на граѓаните. Наместо финансиската помош да биде насочена директно кон работниците, власта делеше под сомнителни околности и нетранспарентно енормни суми јавни пари на бизнисите, за што и во јавноста излегоа голем број случаи на злоупотреба – порача таа.

Мојсоска смета дека и последниот изборен резултат на СДСМ е само продолжување на анти-естаблишментско расположение кое ја зафати и Европа, а не ја одмина ниту партијата на Заев.

Разачораните членови на СДСМ гласаат за Левица

Владимир Божиновски од Институтот за политички истражува вели дека Левица на последните избори веројатно добила гласови од дел од разочараните гласачи на СДСМ.

– Невозможно е да се каже за колку точно гласови се работи, но евидентно е дека поддршката за СДСМ опаѓа, а за Левица расте. Секако дека дел од разочараните традиционални гласачи на СДСМ, на овие избори ја подржаа Левица. Левица е антипод на СДСМ и може да се очекува во иднина да продолжи трендот на прелевање на гласовите. Причина за тоа е секако слабата грижа за работничките права од страна на СДСМ, но и разочараноста од водењето на националната политика. Спорот со Бугарија и начинот на кој од наша страна е воден, тука пред сè се мисли на премиерот Заев, е многу различен од тоа како Бранко Црвенковски се однесуваше во слични ситуации. Се сеќаваме како Црвенковски имаше цврст став кога се во прашање националните и идентитетските прашања, што сега не е случај. Затоа и раочараните гласачи на СДСМ сега решаваат да се приклонат на Левица, која има многу јасен став по наиционалните прашања – вели Божиновски.

Македонија не е Грција

Професорот Иво Босилков не е убеден дека овој процес ќе се одвива со забрзано темпо во Македонија, ниту, пак, смета дека паралелите со политичката состојба во Грција и Македонија се споредливи.

– „Пасокизацијата“ е она што го нарекуваме себеисполнувачко пророштво, колку повеќе се зборува толку поголеми се шансите да се случи. Меѓутоа постојат две пречки за целосно пропаѓање на СДСМ. Прво, за разлика од Грција ние сме во посткомунистичко општество во кое СДСМ е наследник на државна идеологија и апарат, и поради тоа има стабилна база од постарите демографии. Второ, ПАСОК ја изгуби поддршката затоа што ги доведе Грците на питачки стап со своите економски политики. Од тоа профитираше Сириза, која понуди вистински левичарски пристап во услови на тотална економска криза. Кај нас, главната замерка за СДСМ е национално предавство за промената на името, што е симболичко прашање и нема толкав импакт на секојдневниот живот на граѓаните. Левица се обидува да пасокизира лева партија на база на десно прашање, и тоа не е толку изводливо. Најголемата закана за пасокизација на СДСМ доаѓа од зелените независни иницијативи, кои ако пораснат и понудат економски одржливи политики можат да ги привлечат идеолошки наклонетите гласачи на СДСM – изјави Босилков.

Процес на „пасокизација“ однатре

– За разлика од случајот во Грција, „пасокизацијата” на СДСМ овие години се случува одвнатре, а не однадвор. Во Грција тоа беше изведено од страна на Сириза како политичка целина која обедини многу мали левичарски реалности и различни профили на луѓе, за сметка на на класно-кастинската зачмаеност која владееше во ПАСОК. Во нашиот случај не би рекол дека некој надворешен фактор, (особено не Левица, затоа што не е лево ориентирана, освен популистички) влијае или можеби ќе влијае врз маргинализацијата на СДСМ. Тесното, да не речам фамилијарно раководство на Заев му го направи тоа на СДСМ. Каква и да била партијата порано, таа секогаш била збир од различни крила, место за вистински интелектуалци и експерти, а денес ништо од тоа го нема. Заев тоа го уништи. Е, сега постојат многу луѓе кои се вистински левичари и кои не се структурирани во партија или опозиција. Ако се соберат и одлучат да формираат своја партија, тогаш крајот на ваквиот „приватизиран” СДСМ ќе биде дефинитивно сличен како оној на ПАСОК – вели колумнистот Ивор Мицковски.

Поврзани содржини