Може ли кучињата да го откријат ковид-19!?
Пристапот се темели на верувањето дека секоја болест шири силен мирис, а кучињата се единствени во детектирањето на мирисите.
Може ли кучињата да го откријат ковид-19? Британска добротворна организација верува во тоа и почнала да оспособува кучиња за откривање на коронавирусот, по претходниот успех во откривање на различни болести, пренесува АФП.
Medical Detection Dogs ( медицински кучиња за детектирање) организација формирана во 2008 година која го користи остриот мирис на кучињата за откривање на болести кај луѓето, минатиот месец почнала да работи на овој проект.
Во собата за вежбање во централна Англија, кучињата интензивно се подготвуваат за да ги намирисаат примероците на вирусот и да сигнализираат кога ќе го пронајдат.
Пристапот се темели на верувањето дека секоја болест шири силен мирис, а кучињата се единствени во детектирањето на мирисите.
Добротворната организација претходно со својте кучиња работела на откривање на карциномот, Паркинсоновата болест и бактериските инфекции со помош на примероци земени од пациенти.
– Веруваме дека кучињата можат да го откријат ковид-19 и дека ќе можат да прегледуваат стотици луѓе многу брзо за да знаеме кого ќе треба да тестираме и да го изолираме – изјавила за АФП КлерГест, основач и извршен директор на организацијата.
– Имаме докази дека кучињата можат да откријат бактерии и други болести, па веруваме дека овој проект ќе донесе огромна разлика во способноста за контрола на ширењето на ковид-19 – вели таа.
Таа соработува со Лондонската школа за хигиена и тропска медицина и со Универзитетот Дурам во детектирање на маларијата. Џејмс Логан, шеф на Оделот за контрола на болестите вели дека со проектот е демонстрирано дека кучињата можат да го почувствуваат мирисот на луѓето со исклучително голема прецизност.
Тој додал дека постои голема веројатност дека на сличен начин ќе можат да го откријат ковид-19 и потенцијално ќе го револуционираат нашиот одговор на болеста. Тимот има за цел да ги обучи кучињата во период од шест недели.
Ако бидат успешни, кучињата би можело да бидат распоредени на аеродромите за да ги идентификуваат луѓето кои го носат вирусот.